• понеделник, 23 декември 2024

Медицинскиот персонал во Прилепската болница со договор на дело бара решавање на статусот

Медицинскиот персонал во Прилепската болница со договор на дело бара решавање на статусот

Прилеп, 8 февруари 2024 (МИА) - Медицинскиот персонал во Прилепската градска болница ангажиран со договор на дело  на денешната прес-конференција упати барање и апел до Министерството за здравство да го реши нивниот статус. Велат дека со години работат, и тоа во здравствена установа, а немаат здравствено осигурување.

-Работиме во здравствена институција, а немаме здравствено осигурување. Некој е една, а има кои работат со договор на дело и до седум години. Никако да се реши нашиот статус, иако во почетокот на годината имаше најави. Упатуваме апел до министерот и Министерството за здравство да се реши нашиот статус, да добиеме решенија на неопределено време. Ситуацијата е неизвесна. Ние секогаш сме подготвени и продолжуваме да ги вршиме нашите обврски, да помагаме во секој момент, но бараме и нам да ни се помогне. Се надеваме дека ќе најдат слух, и Владата и пратениците, малку да се замислат и да го решат нашиот статус,  рече Благоја Јагуриноски, ангажиран со договор на дело во Прилепската градска болница.

-Во болницата како болничар сум ангажиран шест години, ја почнувам седмата година. Немаме никакви бенефиции. Тука, околу мене се колегите со 5 или 6 години ангажирани, но ништо не ни е решено. Оти, овие луѓе ако застанат, мислам дека ништо нема да функционира, рече болничарот Томе Бошкоски.

Мита Стојкоска е медицинска сестра во ортопедското одделение, но и таа чека решавање на статусот и вработување.

-Работам шест години, ги имам сите обврски со пациентите и јас апелирам и барам Министерството за здравство да го реши нашиот статус, рече Стојкоска на денешната прес-конференција пред Прилепската болница.

Во болницата се 100-тина членови од медицинскиот персонал ангажирани со договор на дело, од кои 12 лекари.

Од Болницата се огласија со соопштение во кое велат дека ги презеле сите акти и со време побарале согласности, упатувајќи апел да се реши статусот на ангажираните со договор на дело.

- Побарана е согласност од Министерството за здравство и за вработување на неопределено работно време и продолжување на согласностите за договор на дело. Станува збор за лица кои се пред се наши колеги,  кои максимално професионално секојдневно си ги извршуваат своите работни обврски и задачи. ЈЗУ Општа болница со проширена дејност има реална потреба од овој кадар: лекари, медицински сестри, лаборанти, болничари и возачи во Итна помош. Апелираме до Министерството за здравство за што побрзо решавање на статусот на овие лица, се вели во соопштението упатено до медиумите од Прилепската градска болница. ем/мд/

фото: МИА

 

 

Остани поврзан