Медведев : Ракетите „Томахавк“ кон Украина би им наштетиле на сите, особено на Трамп
- Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен руски претседател Дмитриј Медведев денеска изјави дека испораката на американските ракети „Томахавк“ во Украина би им наштетила на сите, особено на претседателот на САД Доналд Трамп.
Москва, 13 октомври 2025 (МИА) - Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија и поранешен руски претседател Дмитриј Медведев денеска изјави дека испораката на американските ракети „Томахавк“ во Украина би им наштетила на сите, особено на претседателот на САД Доналд Трамп.
Медведев, кој претходно се расправаше со Трамп на социјалните мрежи, рече дека по лансирањето е невозможно да се направи разлика меѓу нуклеарните ракети „Томахавк“ и оние што носат конвенционални боеви глави. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изрази слично мислење.
-Како ќе реагира Русија? Точно!, напиша Медведев на Телеграм, што, според светските медиуми, е навестување дека реакцијата за која станува збор би била нуклеарна.
Трамп вчера изјави дека би можел да обезбеди ракети „Томахавк“ со долг дострел на Киев ако неговиот руски колега Владимир Путин не ја заврши војната во Украина.
-Можеме да се надеваме дека ова е само уште една празна закана. Како испраќање нуклеарни подморници поблиску до Русија, рече Медведев, осврнувајќи се на изјавата на Трамп од август дека наредил две американски нуклеарни подморници да заземат позиции поблиску до Русија како одговор на она што тој го нарече „многу провокативни“ коментари на Медведев за ризикот од војна.
Путин рече дека испораката на ракетите „Томахавк“ во Украина, кои имаат дострел од 2.500 км и затоа можат да погодат цели низ европска Русија, вклучително и Москва, би можела да ги оштети односите меѓу САД и Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека доколку бидат испорачани, неговата земја ќе ги користи само за воени цели, а не за цивилни цели во Русија. мс/
фото: ЕПА архива