• среда, 21 јануари 2026

МВР - Билтен

МВР - Билтен

Скопје, 20 јануари 2025 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против Д.С.(33) од Струга поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 03.06.2025 во Струга, полициски службеници извршиле преглед на патничко возило, управувано од пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

СВР Тетово поднесe кривични пријави против Ќ.Ф.(60) од с.Шемшово, тетовско и правно лице поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „давање лажен исказ“. Пријавените, во текот на октомври, ноември и декември 2024 година, без правен основ изготвиле фактури за превоз на ученици во вкупен износ од 2.152.447 денари и ги доставиле до средно училиште во Тетово, а подоцна во два наврати во нотарска канцеларија дале лажен исказ, барајќи од нотарот да изготви предлог решение за нотарски платен налог.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против В.А.(22) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 01.01.2026 во угостителски објект во Гостивар, пријавениот се однесувал агресивно и упатувал закани кон полициски службеник кој извршувал службени дејствија.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против правно лице од Тетово и против Б.А.(46) од Тетово, сопственик и управител на правното лице, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „повреда на правото од индустриска сопственост и неовластено употреба на туѓа фирма’’. На 30.01.2025 била извршена контрола во продажен објект на правното лице во Тетово, при што е констатирано дека се врши продажба на разновидни фалсификувани обувки и текстил од заштитени трговски марки на познати брендови.   

На 19.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Н.Е.(18), С.С.(37) и Ф.Б.(39), сите од Скопје и А.Н.(20) од Велес затоа што кај нив се пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 19.01.2026 во 09:00 часот на Граничниот премин Табановце, на влез во државата, полициски службеници ја лишија од слобода М.С.(27) од Германија. При извршена гранична контрола и по извршен преглед на возило-комбе „фолксваген“ со германски национални ознаки, во кое се превезувала, во задниот дел од возилото се пронајдени и одземени две тегли со печурки со психотропни супстанци, за кои М.С. се изјаснила дека се нејзини. Таа била предадена на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

На 19.01.2026 во 14:00 часот во СВР Тетово е пријавено дека на бул.„Илинденска“ во Тетово, патничко возило „фолксваген голф“ со косовски национални ознаки, управувано од М.И.(45) од Косово, удрило во пешакот З.М.(73) од с.Арнакија, скопско. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила З.М., констатирани во Клиничка болница Тетово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Тетово.

На 19.01.2026 во 20:10 часот во населба Дреновец во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода Р.Е.(23) од Тетово, водач на навивачка група. Тој се сомничи дека околу 19:20 часот на улица „Иво Лола Рибар“ во Тетово заедно со неколку лица со маски на главите физички ги нападнале А.Ј.(22) и Д.П.(22), двајцата од Скопје, при што употребиле и тврди предмети и му нанеле повреди на А.Ј. и го оштетиле нивното возило „мазда 3“. Тој е задржан во полициска станица, извршен е увид и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Т.Т.(53) од Охрид и Е.Д.Г.(44) од Радовиш поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тие, како инвеститори, на катастарска парцела во охридското село Велестово започнале изградба на објект иако знаеле дека не поседуваат соодветна градежна дозвола издадена од надлежен државен орган. По контрола извршена на 17.12.2025, констатирано е дека објектот се гради без одобрение од инспектор од Одделението за инспекциски надзор и било изготвено решение за отстранување на градбата.

На 19.01.2026 во 11:45 часот, полициски службеници од СВР Велес го приведоа И.Н.(48) од Велес, кој бил баран врз основа на наредба од Основен суд Велес за издржување казна затвор во траење од шест месеци. Тој е спроведен во Казнено - поправната установа Затвор Идризово за издржување на казната. 

На 19.01.2026 во 17:31 часот во СВР Охрид е пријавено дека на базен во хотел во Охрид се почувствувал продорен мирис на хлор и зголемена пареа од базенот, по што четири лица добиле силна кашлица. Тие биле пренесени и задржани во Општата болница во Охрид и се надвор од животна опасност. Од преземените мерки е констатирано дека настанал технички проблем во системот за циркулација на водата, по што овластена фирма извршила замена на системот. Се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на настанот, по што ќе следува соодветна пријава.

На 19.01.2026 во 17:00 часот во с.Куклиш, струмичко, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Д.Б.(50) од истото село. Тој се сомничи дека околу 14:00 часот испукал еден истрел од ловечка пушка, при што усмртил куче, сопственост на М.Ѓ. од с.Куклиш. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Струмица и ветеринарен лекар. Од Д.Б. е одземена пушката и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Изминатиот викенд во Куманово, полициските службеници од СВР Куманово ги лишија од слобода 24-годишната М.П.(24) од Куманово и М.В.(41) од с.Љубодраг, кумановско. Имено, полициски службеници од СВР Куманово во содејство со инспектори од Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Управата за јавни приходи извршија контрола во угостителски објект во с.Доброшане, кумановско, сопственост на М.П.. За време на контролата биле затекнати 15 малолетници на приватна прослава организирана од М.В., од кои кај 11 било утврдено дека консумирале алкохол. По целосно документирање на случајот против нив ќе следуваат соодветни пријави.

На 19.01.2026 во 20:00 часот во СВР Скопје, О.Ј.(33) од с.Черкези, кумановско, пријави дека околу 17:20 часот во с.Арачиново од возило во движење „фолксваген пасат“ биле испукани неколку истрели, при што било оштетено ветробранското стакло од патничкото возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, со кое се движел. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 19.01.2026 во 20:50 часот на ул.„Тодор Циповски Мерџан“ на подрачјето на Ѓорче Петров во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода С.Т.(25) од Скопје затоа што физички нападнал полициски службеници кои извршувале службени дејствија. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава против М.Е.Ј. (40) и О.И.(29), двајцата од Скопје. На 17.01.2026 во Кочани, полициски службеници извршиле преглед во патничко возило „форд“ со скопски регистарски ознаки, во кое се превезувале, при што е пронајдена и одземена бела прашкаста материја. Од судија на претходна постапка, на М.Е.Ј. му е определена мерка притвор од 30 дена и е спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Куманово за издржување на мерката. Додека, на О.И. му е определена мерка претпазливост.

На 20.01.2026 околу 01:30 часот во СВР Скопје, Х.И.(41) од Скопје, сопственик на авто школа, пријави дека на паркинг простор на подрачјето на Бит Пазар во Скопје било опожарено паркирано товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на авто школата. Нема повредени лица. Извршен е увид од увидна екипа на СВР Скопје.

На 19.01.2026 околу 12:30 часот на кеј на реката Вардар во Скопје, при одржување на верска манифестација по повод празникот Водици, П.А.(20) од с.Визбегово, скопско и Х.П.(27) од с.Сопиште, скопско, кои учествувале на манифестацијата и влегле во водата, почнале да се дават, по што од нуркачки тимови биле извадени надвор од водата и со возила на Итна медицинска помош биле пренесени во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје. ац/

Фото: МИА архива

Остани поврзан