• вторник, 24 декември 2024

Маџаревиќ–Шујстер од СБ: Замрзнување на цените на долг рок не е одржливо и може да доведе до недостиг на стоки или услуги

Маџаревиќ–Шујстер од СБ: Замрзнување на цените на долг рок не е одржливо и може да доведе до недостиг на стоки или услуги

Скопје, 25 април 2023 (МИА) - Мерките за контрола на цените се случуваат и во државите на ЕУ поради размерите на економските потреси и потребата да се интервенира поради зголемувањето на цените на основните прехранбени производи во некои држави и цените на енергенсите. Одржување на контролирани цени на долг рок не е одржливо и може да доведе до недостатоци на стоките или услугите и во услови на несовршена конкуренција ова е инструмент кој што го спроведуваат бројни држави, истакна  Сања Маџаревиќ–Шујстер, виш економист во Светска банка за Западен Балкан.

-Јас лично не поддржувам контроли врз цените, меѓутоа ако погледнеме истражувања за земји-членки на ЕУ и ако ги разгледаме маржите во Македонија, ова што се случи изминативе години поради несовршената конкуренција видовме големи зголемувања на маржите, односно профитите кои што не можат да се објаснат или да се оправдаат со било што се случува на пазарите во моментов, освен со монополистичка или олигополистичка позиција, односно фалинки на пазарот кои што им одат во прилог на мал број од учесниците на пазарот, а одат на штета на голем дел од населението а најмногу најранливите сегменти од населението, рече Маџаревиќ–Шујстер, која денеска во Скопје го претстави најновиот Редовен економски извештај за Западен Балкан.

Таа потенцира дека Европската Унија како итен одговор на кризата предложи солидарен данок што ќе важи за фирми со несразмерно зголемени добивки, односно профити во изминатите години.

-Мислам дека слични мерки се предложени од страна на вашата Влада и Собранието и тоа е краткорочен одговор за овие зголемувања на цените со цел да се поттикне повеќе конкуренција, подобра конкуренција не само овде туку и на ниво на ЕУ се забележува слични услови, односно нецелосно функционирање или нефункционирање на пазарите, рече Маџаревиќ – Шујстер.

На новинарско прашање за Одлуката на уставен суд за зголемување за 78 отсто на платите на избрани и именувани функционери, Шјустер смета дека има потреба да се дополни таа одлука и мисли оти Владата работи на законодавни механизми тоа да се постигне.

-Мислам дека во моментот не е соодветно да се осврнуваме на ова прашање, но истовремено сметаме дека треба да се погледне прашањето на платите во јавниот сектор не само кај државните службеници, избраните и именуваните функционери, но и јавните службеници и вработените во јавниот сектор, во образование, описи на работни места за секое работно место, коефициенти на платите, повоедначен систем и систем засновен врз работен учинок. Мислам дека ова беше и една од целите во Стратегијата за јавна администрација која беше составена согласно со ЕУ за попрофесионална јавна администрација која што ќе биде и поадекватно платена. Мислам дека има потреба да се дополни оваа одлука и мислам дека Владата работи на законодавни механизми тоа да се постигне, рече Маџаревиќ–Шујстер. фф/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан