• среда, 25 декември 2024

Машиновозачите бараат повлекување на решенијата за суспензија на 12 колеги или отказни решенија за сите

Машиновозачите бараат повлекување на решенијата за суспензија на 12 колеги или отказни решенија за сите

Скопје, 31 август 2023 (МИА) - Машинскиот и извршниот персонал на Железници на РСМ Транспорт АД-Скопје повторно е во бојкот од 25.08.2023 поради неисплатен втор дел на плата и неисполнети барања, изјави денеска на прес-конференција претставникот на машинскиот и извршниот персонал, Тони Димовски.

Тие освен редовна исплата на плата, бараат и покачување на коефициенти, изнајмување на две локомотиви од странство и подобрување на условите за работа, за кои велат дека се под минимум. 

Шефот на работна единица на ЖРСМ Транспорт АД Скопје во текот на вчерашниот ден доставил список на машиновозачи за суспендирање од нивното работно место.

- Сите прашуваат зошто се бојкотира, а никој од менаџерскиот тим не дава објаснување зошто нема плата, кое е основно средство за живеење. Крајно време е одговорноста за нефункционалноста и пропаста на железницата да ја преземе менаџерскиот тим и Владата. Доста покажуваат со прст кон нас, крајно време е да го свртат прстот кон себе за состојбата во која не донесоа. Бараме од денеска да биде суспендиран цел машински персонал, а не само тие 12 машиновозачи, изјави Димовски.

Во случај на суспендирање на целиот машински персонал ќе нема кој да ги управува возовите, а на менаџерскиот тим му се одзема правото за пишување на дневен распоред и како што велат, со тоа ќе не можат да вршат мобинг врз вработените.

- Некои шефови на работна единица, директори на теретен сообраќај или генерален директор сега се јавуваат кај колегите и ги тераат да одат работа, а ако не одат се закануваат со отказно решение. Бараме да ги повлечат решенијата за суспензија на 12-те колеги или на сите да ни доделат решенија за суспендирање, па дури и отказни решенија, рече претставникот на машинскиот и извршниот персонал, Тони Димовски.

ЖРСМ Транспорт АД Скопје, деновиве излезе со свое соопштение и ги обвини машиновозачите дека го блокираат целиот сообраќај и вршат директна штета врз претпријатието. Оттаму информираат дека во периодот од 1 август до денот на прекинот на железничкиот сообраќај на 25 август, машиновозачите оствариле вкупни просечни лични примања во износ од 60.000 денари, додека за споредба во истиот период, раководител инженер, остварил лични примања во висина од 21.000 денари.

Димовски ги демантира информациите со кои излезе Железница и вели дека се работи за дезинформација.

- Нашата основна плата, според коефициент на сложеност е 23.000 денари. Доколку ги земеме надоместоците за ноќна работа, работа за празници и работа во недела стигаме до максимум 40.000 денари. Повисоко примање од тоа сме немале, рече Димовски. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан