Мафијаши од Ндрангета добија по 30 години затвор
- Италијански суд, по тригодишен судски процес, денеска изрече долги затворски казни на повеќе од 300 припадници на Ндрангета, најмоќната мафијашка организација во земјата.
Рим, 20 ноември 2023 (МИА) - Италијански суд, по тригодишен судски процес, денеска изрече долги затворски казни на повеќе од 300 припадници на Ндрангета, најмоќната мафијашка организација во земјата.
Повеќе од 330 осомничени мафијаши и нивни осомничени соработници се обвинети за голем број кривични дела, како што се изнуда, шверц на дрога и кражби.
Како што јави италијанската новинска агенција Анса, на судиите им биле потребни час и 40 минути за да ја прочитаат пресудата.
Најтешки казни добија Саверио Разонале и Доменико Бонавота, двајца локални мафијашки шефови од Калабреза, кои добија по 30 години затвор.
Меѓу осудените се Џанкарло Пители, адвокат и поранешен политичар на партијата Форца Италија, член на националната владејачка коалиција, кој доби 11 години затвор поради дослух со мафијата и давање информации.
Џорџо Насели, поранешниот началник на локалната полиција, е осуден на две и пол години затвор.
Но, обвинителството не ги доби строгите казни што ги бараше во голем број случаи, а повеќе од 100 обвинети се ослободени.
Денешната е првостепена пресуда и на неа право на жалба имаат и одбраната и обвинителството.
Судењето се одржа во Ламеција Терме под највисоки безбедносни мерки. Судењето се одржа во поранешен кол-центар, а обвинетите беа во метални кафези. Од јануари 2021 година беа сослушани стотици сведоци, меѓу кои и десетици мафијаши кои станаа државни сведоци
Со седиште во сиромашниот јужен регион Калабрија, Ндрангета е најбогатата и најмоќната криминална организација во Италија и има монопол на трговијата со кокаин во Европа. Ндрангета дејствува во повеќе од 40 земји.
Експертите проценуваат дека Ндрангета, која се состои од околу 150 калабриски семејства и нивни соработници, заработува повеќе од 50 милијарди евра годишно ширум светот, од трговија со дрога и лихварство до извлекување јавни средства и изнуда. Ндрангета нелегалните приходи ги реинвестирала во легалната економија.
Шефот на мафијата на провинцијата Вибо Валентиа, 69-годишниот Луиџи „Началникот“ Манкузо, минатата година беше отстранет од списокот на обвиненија за да му се суди посебно.
Манкузо веќе помина 19 години во затвор и беше повторно уапсен во голема полициска операција во декември 2019 година заедно со повеќе од 300 осомничени мафијаши.
Последен пат кога стотици осомничени мафијаши беа судени во Италија беше во 1986 година во Палермо во случај кој беше пресвртница во борбата против Коза Ностра, што беше почеток на падот на групата.
Тоа судење имаше големо влијание бидејќи беа судени многу мафијашки семејства. ссм/