• сабота, 23 ноември 2024

Матоши: Моментно има лекови за сите онколошки пациенти, буџетот е скоро 1,5 милијарди денари

Матоши: Моментно има лекови за сите онколошки пациенти, буџетот е скоро 1,5 милијарди денари

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Организацискиот в.д. директор на Клиниката за онкологија Халид Матоши вечерва, сведочејќи пред собраниската Анкетна комисија, рече дека моментно има лекови за сите онколошки пациенти. Буџетот на Клиниката, истакна, е 1,7 милијарди денари, од кои за биолошка терапија се предвидени 1,320 милијарди денари. Дополнително, според Матоши, со Фондот за здравствено осигурување се испреговарани уште 140 милиони денари. 

Според директорот, Клиниката за онкологија не издава терапија на други здравствени установи.

-Не, за тоа сум ја прашал и медицинската директорка, таа тврди дека не, но утре ќе биде тука пред вас, рече Матоши, одговорајќи на прашање од Анкетната комисија. 

За буџетот, напомена Матоши, се води многу сметка.

-За биолошка терапија имавме буџет 1,2 милијарди денари. Кога почнавме со тендерот во 3 и 4 месец, веќе во април видовме дека нема да стигнат лековите, веднаш направием допис до Фондот и МЗ, ги известивме за овој проблем. Фондот ни даде дополнителни 120 милиони денари. Сега основниот буџет ни е 1,320 милијарди денари, а имаме и повторно согласност за 140 милиони денари зашто ќе имаме проблем кон крајот на месецот. Внимаваме да нема пациент кој ќе остане без терапија, објасни Матоши и укажа дека секоја година бројот на пациенти се зголемува за 10 - 15 отсто. 

Осврнувајќи се на државната ревизија, тој рече дека во извештајот таа „ги измешала акцелераторите“.  

Во однос на утврдените недоследности, Матоши ја информира Комисијата дека некои работи се завршени, а некои се во тек.

-Сите позиции се чепнати. Многу не заглави актуелната ситуација, се бараат документ од вас, од Обвинителството. Многу повеќе работиме за надвор од Клиниката, рече Организацискиот в.д. директор на Клиниката за онкологија.  

Собраниската Анкетна комисија со Матоши ја заврши денешната седница, а за продолжението, како што беше речено, членовите ќе бидат дополнително информирани. мч/лв/

фото: принт скрин

  

 

Остани поврзан