Маската „Танц на ангелите“ најдобра на Прилепскиот карневал
- Маската „Танц на ангелите“ на учениците од прилепското основно училиште „Кочо Рацин“ е прогласена за најдобра маска на прилепскиот карневал „Прочка 2025“.

Прилеп, 2 март 2025 (МИА) - Маската „Танц на ангелите“ на учениците од прилепското основно училиште „Кочо Рацин“ е прогласена за најдобра маска на прилепскиот карневал „Прочка 2025“.
Карневалската жири комисија ги додели и другите награди за најуспешни карневалски маски. Најдобра групна е маската „Принцови и принцези“ од училиштето „Кочо Рацин“, а најдобра поединечна маска е маската на Мила Спиркоска од ОУ „Климент Охридски“, насловена како „Кити брди“.
Најдобра традиционална маска на годинашниот прилепски карневал е маската „Јаничари“ на учесниците од селото Врбјани, општина Кривогаштани.
На годинашниот 23. карневал во Прилеп учествуваа над 600 маскирани од Прилеп и од повеќе градови од земјава. Главното дефиле се одржа напладне во центарот на Прилеп, а вечерва угостителските објекти ќе работат со продолжено време.
Утре напладне, на „Чист понеделник“ здружението „Прилепски мечкари“ ги покани сите учесници на традиционален посен ручек во манастирот „Свети Ѓорѓија“ кај прилепското село Присад.
Тридневните карневалски свечености во Прилеп опфатија и изложба на преку 800 маски, како и презентација на прочкарски обичаи. ем/бак/
Фото: МИА