• вторник, 24 декември 2024

Мароко ќе го предводи Советот за човекови права на ОН, откако го доби двобојот со Јужна Африка

Мароко ќе го предводи Советот за човекови права на ОН, откако го доби двобојот со Јужна Африка

Женева, 10 јануари 2024 (МИА) – Амбасадорот на Мароко, Омар Знибер, денеска е избран за претседател на Советот за човекови права на Обединетите нации.

Британските медиуми јавуваат дека мароканскиот амбасадор на тајното изјаснување доби 30 гласа поддршка, додека неговиот јужноафрикански противкандидат, амбасадорот Мколиси Нкоси, обезбеди 17 гласови.

Пред гласањето, Нкоси за британските медиуми го обвини Мароко дека е „антитеза на тоа за што се залага Советот“ и додаде дека изборот на Мароко ќе го поткопа кредибилитетот на ова тело.

Мароко, пак, ја обвини Јужна Африка и другите африкански држави дека ги поткопуваат нејзините напори да ја добие позицијата, која е престижна, но во голема мера симболична.

„Изборот на Кралството, поддржан од голем број земји ширум светот и покрај напорите на Алжир и Јужна Африка да му се спротивстават, ја покажува довербата и кредибилитетот инспирирани од надворешната акција на Мароко...“, соопшти мароканското Министерство за надворешни работи.

Гласањето беше редок јавен спор во африканската група, чиј ред беше да го води 47-члениот совет. Таа вообичаено одлуките ги донесува како блок. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан