• среда, 29 јануари 2025

Марко Рубио: САД го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот

Марко Рубио: САД го одбележува Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот

Вашингтон, 27 јануари 2025 (МИА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска порача дека САД го одбележуваат Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, кој беше прогласен од Обединетите нации за да ја означи годишнината од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау на 27 јануари 1945 година, најголемиот нацистички логор на смртта.

„Свечено се сеќаваме на шесте милиони Евреи кои систематски беа убиени низ Европа од страна на нацистите и нивните соработници, како и на милионите други кои ги загубија животите. Им оддаваме почит на преживеаните, им благодариме на ослободителите и ја обновуваме нашата заедничка посветеност на човековата слобода и правда“, се наведува во изјавата од кабинетот на Рубио.

Се потсетува дека оваа година се навршуваат 80 години од крајот на Втората светска војна и Холокаустот и се нагласува дека оваа година може да биде една од последните кога преживеаните ќе можат да ги споделат своите сведоштва за ужасите што ги преживеале.

„Како американски државен секретар, ќе ја продолжам својата непоколеблива посветеност на поддршката за преживеаните од Холокаустот и нивните наследници, како што тоа го правев во Сенатот на Соединетите Американски Држави“, порача Марко Рубио. ссм/

фото: архива

Остани поврзан