• сабота, 23 ноември 2024

Маркос: Филипини не сакаат судир, но ќе ги бранат своите триторијални води

Маркос: Филипини не сакаат судир, но ќе ги бранат своите триторијални води

Манила, 29 септември 2023 (МИА) - Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот денеска изјави дека неговата земја не сака конфликт, но цврсто ќе ги брани своите територијални води, откако крајбрежната стража ја отстрани пловечката бариера поставена од Кина во спорниот дел од Јужно Кинеско Море.

 -Не бараме проблеми, но ќе продолжиме да ја браниме поморската територија на Филипините и правата на нашите рибари кои во овие области рибарат стотици години наназад, рече Маркос на прес-конференција, пренесен од американските медиуми. 

Филипинските власти во вторникот соопштија дека ја отстраниле пловечката бариера поставена од Кина за да ги блокира филипинските рибарски чамци да влезат во спорната област во Јужно Кинеско Море. 

„Бариерата претставуваше опасност за пловидбата, што е јасно кршење на меѓународното право. Таа, исто така, го попречува спроведувањето на риболовот и активностите за егзистенција на филипинските рибари“, соопшти филипинската крајбрежна стража. 

Пекинг реагираше на соопштението на филипинските власти и „ја советуваше Манила да не предизвикува провокации или да создава проблеми“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи. 

Филипинските власти претходно соопштија дека бариерата долга 300 метри на влезот во лагуната кај Скарборо Шол е „нелегална и нелегитимна“ и дека била поставена во петокот од бродови на кинеската крајбрежна стража, додека им се приближувал рибарски брод на филипинските власти. 

Кина тврди дека полага право врз 90 отсто од Јужното Кинеско Море и делот што се преклопува со ексклузивните економски зони Виетнам, Малезија, Брунеи, Индонезија и Филипините.

Официјален Пекинг ја презеде контролата врз зоната Скарборо Шол во 2012 година и ги принуди рибарите од Филипините да патуваат на пооддалечени локации, каде што ловат помалку. Меѓутоа, Кина им дозволи на филипинските рибари да ловат риба во областа Скарборо Шол во периодот кога билатералните односи со Филипините се подобруваа во времето на поранешниот претседател Родриго Дутерте. Тензиите повторно ескалираа откако минатата година на власт дојде новиот претседател на Филипините Фердинанд Маркос помладиот. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан