• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Уставните измени ќе бидат тест за консензус за ЕУ, очекуваме јасен план за членство во Унијата

Маричиќ: Уставните измени ќе бидат тест за консензус за ЕУ, очекуваме јасен план за членство во Унијата

Скопје, 12 јули 2023 (МИА) - Приоритет на македонската Влада е продолжувањето на европскиот пат, а уставните измени ќе бидат тест за политичкиот консензус за ЕУ, истакна денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ кој учествуваше на тркалезна маса во Вашингтон, на покана на Атлантскиот совет.

Како што соопштија од неговиот Кабинет, Маричиќ информирал за актуелните домашни политички случувања, текот на преговорите со ЕУ и задачите што треба да се исполнат во следниот период.

Исто така, тој одржал и краток брифинг за досегашните предизвици со кои се соочувала Северна Македонија во евроатлантските интеграции, ставајќи акцент на важноста на сите инцијативи кои ја забрзуваат интеграцијата на земјата во ЕУ, но кои не се и не можат да бидат замена за нашето членство во ЕУ.

Во таа насока, вицепремиерот укажал дека земјава неколку пати на патот кон ЕУ се наоѓала на крстопат, но секогаш ја избирала вистинската насока, посочувајќи дека тоа треба да се направи и сега, кога е видлива активноста на ЕУ на темата проширување.

Маричиќ особено ја истакнал важноста и потребата ЕУ да даде јасен план за нашата европска перспектива да биде и временски извесна, но и видлива со конкретни проекти од кои бенефит ќе имаат граѓаните.

Вицепремиерот за европски прашања потенцирал дека нема да се откажеме после 17 години маратон кон Брисел и дека овој политички моментум не смее да се пропушти и побарал заеднички да дејствуваат Северна Македонија и нејзините партнери и сојузници, со цел, како што кажал, „да ја ставиме државата во пакетот на проширување и да ја вратиме довербата на граѓаните во Унијата и во нејзиниот кредибилитет“.

На дискусијата присуствувале и претставници на американската администрација, експерти, дипломати и граѓанскиот сектор, а обраќање имал и министерот за економија Крешник Бектеши. бт/бак/

Фото/ Кабинет на Заменик претседател на Влада задолжен за европски прашања

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан