Маричиќ: Потребен е сериозен политички консензус за иднината на земјата
- Северна Македонија веќе го потврди европскиот пат, но сега треба тој да се задржи стабилен, за што е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на
Скопје, 17 јануари 2023 (МИА) - Северна Македонија веќе го потврди европскиот пат, но сега треба тој да се задржи стабилен, за што е потребен сериозен политички консензус околу прашањето за иднината и правецот на движење на земјата во следните 10 години, смета вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ.
- Тоа е темелот и предуслов за успешно заокружување на овој национален проект, рече Маричиќ за годишниот мултимедијален јавен настан на ЦИВИЛ - „Перспективи 2023“.
Тој додаде дека граѓаните бараат и сакаат концепт кој носи извесност, реформи, неповратни фондови за развој на земјата и затоа, според Маричиќ, ова ќе биде година која ќе им потврди на граѓаните кој е искрен во намерите за трансформација на македонското општество на подобро, а кој бега од промените кои ги носи процесот на преговори.
- Политичко обединување и гаранција дека нема да стагнира земјата и дека ќе продолжи да се движи по патот кој носи стабилност, просперитет, нови можности и кој гради уредена држава, во која има функционални демократски институции, посочи Маричиќ.
Тој потенцира дека последните години Владата покажува искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите и дека застануваат одговорно пред прашањата од областа на правосудството, борбата против корупцијата, подобрувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување, кои беа со забелешки и во Извештајот на Европската комисија за 2022 година.
- Ги актуализиравме овие клучни прашања со цел поинтензивно да продолжат реформите и напредокот во најважните поглавја во преговорите со ЕУ. Владата има јасен план и визија на европеизација и трансформација на македонското општество, која ќе овозможи земјата да се движи по зацртаната траекторија кон ЕУ, изјави Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека ова е време кога треба да се надминат тесно-партиските интереси и да не дозволиме после 17 години поминати во „чекалната“ на ЕУ, да се однесуваме неодговорно и да се доведеме во ситуација домашен политички фактор да биде кочница и да ја блокира државата на патот кон ЕУ.
- Очекувам годинава за Северна Македонија да биде уште поуспешна од претходната и да ја завршиме со одржување на втората Меѓувладина конференција и отворање на првиот Кластер, вели Маричиќ.
Оценувајќи ја минатата година, вицепремиерот Маричиќ рече дека 2022 беше динамична и година со многу предизвици и неизвесност, како дома така и на меѓународен план, но за Северна Македонија беше и успешна година во која ги започнавме преговорите со Европската унија и ја поставивме земјата на експресниот пат на реформи и трансформација.
- Немавме право во време на турбуленции и безбедносни предизвици да ја ставаме под знак прашалник европска перспектива на земјата. Со „францускиот предлог“ и неговото усвојување од страна на парламентарното мнозинство, успеавме на европски начин, да најдеме решение за разликите и отворените прашања со Бугарија и после 17 години чекање официјално да го започнеме процесот на преговори со ЕУ, додаде Маричиќ. мс/сп/
https://www.youtube.com/watch?v=WFGHhnUtAKg&t=27s