• среда, 25 декември 2024

Маричиќ: Не може само заради еден член да удриме печат на целиот Судски совет дека не би можел да изврши прочистување на правосудството

Маричиќ: Не може само заради еден член да удриме печат на целиот Судски совет дека не би можел да изврши прочистување на правосудството
Скопје, 13 јануари 2021 (МИА) - Министерот за правда Бојан Маричиќ во одговор на новинарско прашање за тоа каков кредибилитет ќе има прочистувањето на судството, бидејќи институцијата што прочистува, Судскиот совет, има член против кој е покренато обвинение, рече дека тоа е уште еден доказ дека нема недопирливи во нашиот систем и во нашата држава. -Судскиот совет е колективно тело. Не се состои само од еден член. Доволната бројка на членови на Судскиот совет, како и различниот профил на членови на Судскиот совет укажуваат на тоа дека во тоа колективно тело треба да има поширок консензуз за работите за носење на одлуките, за да тоа тело функционира, истакна Маричиќ. Министерот рече дека најголем дел од членовите на Судскиот совет се добри професионалци кои се долги години во правосудниот систем и кои зад себе имаат докажани резултати и оти смета дека имаат добар потенцијал да си ја завршат својата работа, како што рече, во рамки на Уставот и законите на висина на задачата, професионално и квалитетно. -Во однос на конкретниот случај исто така мислам дека треба да се остави простор на правосудните органи да го расчистат до крај, мислам дека и самиот Судски совет ќе изнајде начин како да се справи со одговорноста, потенцијалната одговорност или утврдувањето одговорност на членот на Судскиот совет, меѓутоа не може само заради еден член да удриме печат на целиот Судски совет дека не би можел да ја изврши работата, подвлече Маричиќ. Повтори дека за сите функционери, без разлика на кое ниво се, и дали се во судството или во извршната власт или во законодавната власт, треба да важат истите правила и, како што рече, ова е еден вид доказ дека никој не е поштеден и оти нема селективност. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција на 31 декември 2020 поднесе обвинение против седум лица за нелегална приватизација на земјиште во Тетово, а меѓу обвинетите е и судијата Зоран Теофиловски кој е актуелен член на Судскиот совет. Во соопштението на Обвинителството, стоеше дека по спроведената истражна постапка, предметниот обвинител утврдил дека во временскиот период од август 2011 до декември 2012 година, обвинетите З.Т. како претседател на Тениско спортско здружение Љуботен - Тетово и Ц. Н. како управител во правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, со умисла ги поттикнале обвинетите А. Н., како лице кое врши работи од јавен интерес и службените лица Џ. А., И. К., К. И. и И. Р. со искористување и неизвршување на нивната службена положба и овластување, да прибават значителна имотна корист за правното лице Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, а на штета на средствата на државата – сопственост на градежно земјиште, во вредост од 22.050.000 денари. нд/дма/

Остани поврзан