• петок, 27 декември 2024

Маричиќ: Нема отстапување од намерата за поголема правна заштита на новинарите

Маричиќ: Нема отстапување од намерата за поголема правна заштита на новинарите
Скопје, 10 јуни 2021 (МИА) - Приоритет на Министерството за правда е создавање најдобри можни услови во однос на слободата на говор и непречено работење на новинарите и медиумските работници, истакнал министерот за правда Бојан Маричиќ на дискусијата за заштита на новинарите организирана од Шведската амбасада.

- Со моето доаѓање на позицијата министер за правда започнавме интензивно да работиме на измени на Кривичниот законик со цел поголема заштита на новинарите. Измените се веќе готови и се во Владина процедура. Најважно е што во иднина нападот на врз новинар или медиумски работник ќе се казнува како и напад врз службено лице. За тоа предвидени се и затворски казни до три години. Дополнително со казна затвор може да се казни и некој што се заканува на новинари, без разлика на кој начин е испратена заканата, односно дали е лична, преку интернет и слично. Закана е закана, посочи Маричиќ.

Според министерот, доказ дека има напредок на во однос на подобрувањето на условите за работа на новинарите, говорат и повеќето меѓународни извештаи, како оние на Репортери без граници и на Стејт Департментот, во кои покрај тоа што се бележи напредок во слободата на медиумите во земјата, прецизно се детектираат и предизвиците на кои треба дополнително да се работи.

Министерот за правда уверува дека и заложбата на Владата на ова поле е голема и дека нема отстапување од намерата за поголема правна заштита на новинарите. дма/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан