• вторник, 26 ноември 2024

Маричиќ: Меѓународниот ден на демократијата е повод да опстоиме во потрагата по демократски одговори на заканите во време на тензии и превирања

Маричиќ: Меѓународниот ден на демократијата е повод да опстоиме во потрагата по демократски одговори на заканите во време на тензии и превирања

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по повод 15 септември - Меѓународниот ден на демократијата посочува дека овој ден потсетува дека демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права се во основата на отпорните, инклузивни и сигурни општества, општества на граѓани на кои им е загарантирана слободата и достоинството, како и прогресот и одржливиот развој на нивната заедница.

Маричиќ на објава на неговиот профил на Фејсбук потенцира дека Меѓународниот ден на демократијата истовремено е и повод да опстоиме во потрагата по демократски одговори на заканите во време на тензии и превирања.

-Ова е време во кое имаме обврска силно да се вложуваме за да ги чуваме и развиваме демократските принципи на еднаквост, вклученост и солидарност, во кое посебно место имаат младите и идните генерации, како што порачува централната тема на годинешниот Меѓународниот ден на демократијата. Оттаму произлегува и нашата обврска на нашите младинки и младинци да им го обезбедиме исполнувањето на европскиот сон во својата држава. Да бидат Европјани, граѓани на ЕУ, во својата татковина, напиша тој.

Вицепремиерот Маричиќ посочува дека иднината на младите започнува денес и таа треба да им биде обезбедена со храбри одлуки кои, како што вели, треба да ги донесеме ние, политичарите кои имаме обврска да им обезбедиме подобро утре. фф/ац/

Фото: Фејсбук на Бојан Маричиќ

Остани поврзан