• среда, 27 ноември 2024

Маричиќ: ИПА поддршката во правосудниот систем, пресудна за напредокот во Поглавје 23 и 24

Маричиќ: ИПА поддршката во правосудниот систем, пресудна за напредокот во Поглавје 23 и 24
Скопје, 6 април 2022 (МИА) - Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и Национален ИПА координатор, Бојан Маричиќ, денеска го отвори петтиот состанок на Секторската работна група за секторот правда. Како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, Маричиќ ја потенцирал важноста на овој сектор особено од аспект на европската интеграција. - Владеењето на правото претставува сржта на пристапувањето на нашата земја во ЕУ, а реформите имаат клучна улога во целиот процес. Земјава вложува значајни напори и ресурси за владеење на правото, градење функционално судство, борба против организираниот криминал, и тоа со единствена цел – да обезбеди економски развој и да овозможи демократија во пракса, смета вицепремиерот Маричиќ. Според него, потребно е соодветно да се координира донаторската помош со цел да биде комплементарна односно распоредена рационално, да ги покрива реформите за европска интеграција планирани во Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, како сеопфатен национален стратешки и програмски документ за водење на процесот на европска интеграција, како и Националниот план за развој кој е во тек и Програмата за економски реформи, со кои како што е наведено во соопштението практично се заокружува планирањето и одредувањето приоритети на стратешко ниво. Маричиќ ја истакна и важноста од учеството на граѓанските организации на состаноците на Секторските работни групи со цел да се обезбедат нивните повратни информации за начините како спроведувањето на приоритетите е остварливо, ефективно и ефикасно, како и нивната посветеност за спроведување на некои од приоритетите на терен. - Верувам дека во следната фаза ќе се обезбеди финансирање на добро дефинираните и договорени приоритети – без разлика на изворот на финансирање, било да е тоа национален буџет и помош од донатори, рече Маричиќ, информирајќи ги присутните дека е започнат и процесот на програмирање на ИПА 2023-2024 кој ќе се реализира на техничко ниво на секторски работни групи и побара повратна информација од донаторите во однос на презентираните приоритети и идното финансирање на нивната имплементација. Според Маричиќ новите проекти ќе овозможат значаен придонес во реализацијата на крупните реформски процеси, за зајакнување и зголемување на ефикасноста на правосудни институции, за засилена превенција и борба против корупцијата, како и засилена заштита на човековите права, со цел обезбедување на поголема правна сигурност на граѓаните и секако враќање на довербата во правосудниот систем. свс/дма/

Остани поврзан