• сабота, 21 декември 2024

Маричиќ: Имаме добра основа на подготвеност, важно е да ја одржиме динамиката на процесот на преговори

Маричиќ: Имаме добра основа на подготвеност, важно е да ја одржиме динамиката на процесот на преговори
Скопје, 22 ноември 2022 (МИА) - Северна Македонија има добра основа и добра подготвеност, но сега мора да покажеме континуитет во реализацијата на критериумите за членство во ЕУ, изјави денеска во Брисел вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ на вториот состанок од билатералниот скрининг за Поглавјето 24 - „Правда, слобода и безбедност“. - Ова поглавје е основа за демократскиот развој на македонското општество од кое ќе зависи динамиката на целиот преговарачки процес. Се работи за обемни и комплекси теми што ќе бараат повеќе напор и поголема заложба за усогласување со европското законодавство и имплементација, за час поскоро да бидеме дел од европскиот безбедносен систем, посочи Маричиќ. Тој информира дека денеска биле презентациите за азил визи и миграции. - Она што можеме да го кажеме и да изразиме задоволство е дека и од Европската комисија и од нашиот тим е констатирано дека има висок степен на усогласеност во оваа област. Сите оние постапки што со години ги правиме и особено по визната либерализација влијаат на тоа да сме високо усогласени со правото на Европската Унија во оваа област, рече тој. Маричиќ потсети дека вчера било дискутирано и за прашањата на борба против организиран криминал и корупција и целиот систем на борба против организиран криминал и корупција, и таму ги презентирале нашите достигнувања, но исто така и разговарале за она што допрва следува и оти имаме многу работа во сите области. - Имаме многу направено, но имаме уште повеќе пред нас за да работиме. Тоа само нè мотивира, заедно со сите делови на општеството, да ги впрегнеме заедничките сили и што побрзо да ги исполниме условите коишто ќе ни ги постават по овој скрининг за да имаме успешен, краток и брз процес на пристапување во Европската Унија, рече тој. На денешниот скрининг состанок, македонскиот преговарачки тим ја презентира усогласеноста со ЕУ стандардите и активностите се преземаат во областите - азил, миграција и визната политика на ЕУ. Македонскиот тим утре продолжува со презентирање на сите преземени активности и нивно спроведување во ова поглавје, што е поделено на 12 подобласти: азил, миграција, визи, надворешни граници и правото на Шенген, борба против организираниот криминал, соработка во областа на дроги, борба против трговија со луѓе, борба против тероризам и радикализам, судска соработка и размена на информации, судска соработка во кривичната материја, полициска соработка и царинска соработка. нд/сп/

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан