• среда, 25 декември 2024

Маричиќ задоволен од билатералниот скрининг за Поглавје 24

Маричиќ задоволен од билатералниот скрининг за Поглавје 24
Скопје, 21 ноември 2022 (МИА) - Во Брисел штотуку заврши првиот билатералниот скрининг состанок за Поглавјето 24, „Право, слобода и безбедност“. Вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, е задоволен од подготвеноста на македонскиот преговарачки тим и квалитетот на презентациите за усогласеноста со ЕУ законите и нивната имплементација. -Интензивен, но успешен, прв ден од билатералниот скрининг за Поглавје 24. Македонскиот преговарачки тим денеска во Брисел го објасни нивото на усогласеност со законодавството на ЕУ и негова имплементација, низ 23 презентации на 5 теми, во областа на правдата, слободата и безбедноста. Задоволен сум од нивната подготвеност, а и Европската комисија е. Приоритет на институциите и администрацијата останува исполнувањето на обврските од Поглавјата 23 и 24, со цел да одржиме добра динамика на преговарачкиот процеси и побрз напредок во реформската агенда, пишува на својот фејсбук-профил вицепремиерот Маричиќ. Утре македонскиот тим продолжува со презентирање на сите преземени активности и нивно спроведување во ова поглавје, кое е поделено на 12 подобласти: азил, миграција, визи, надворешни граници и правото на Шенген, борба против организираниот криминал, соработка во областа на дроги, борба против трговија со луѓе, борба против тероризам и радикализам, судска соработка и размена на информации, судска соработка во кривичната материја, полициска соработка и царинска соработка. сст/дма/      

Остани поврзан