Манчестер јунајтед заинтересиран за Воткинс и Шешко
- Оли Воткинс од Астон Вила и Бенџамин Шешко од Лајпциг се приоритетни фудбалери на списокот желби на Манчестер Јунајтед, доколку англискиот клуб одлучи да доведе напаѓач во летниот преоден рок.
Манчестер, 29 јули 2025 (МИА) – Оли Воткинс од Астон Вила и Бенџамин Шешко од Лајпциг се приоритетни фудбалери на списокот желби на Манчестер Јунајтед, доколку англискиот клуб одлучи да доведе напаѓач во летниот преоден рок.
Сепак, како што наведува денеска Би-Би-Си, раководството на Јунјатед нема да има лесна задача да ги доведе двајцата напаѓачи.
Астон Вила не е заинтересирана да го продаде Воткинс и бара 60 милиони фунти за него, што Јунајтед го смета за премногу. Неговиот договор со клубот од Бирмингем е со важност до 2028 година.
Голем број европски клубови се заинтересирани за Шешко, вклучувајќи го и Њукасл, во очекување напаѓачот Александар Исак да го напушти „Сент Џејмс Парк“.
Засега, прв избор на тренерот на Јунајтед, Рубен Аморим, е напаѓачот Расмус Хојлунд, кој постигна 10 голови на 52 натпревари минатата сезона.
Аморим го пофали неговиот настап во победата од 2-1 против Вест Хем во Њу Џерси во саботата, но данскиот напаѓач не постигна гол во двата претсезонски натпревари во САД.
Досега тројца играчи дојдоа на „Олд Трафорд“ ова лето – Матеус Куња, Брајан Мбеумо и Диего Леон, за кои Јунјатед потроши околу 130 милиони фунти.ег
ФОТО: ЕПА