• понеделник, 23 декември 2024

Манчевски за прекинот на ТВ-програмите од операторите: Прекршен е законот, за уставноста е надлежен Уставниот суд

Манчевски за прекинот на ТВ-програмите од операторите: Прекршен е законот, за уставноста е надлежен Уставниот суд
Скопје, 21 јуни 2020 (МИА) - За тоа дали е нешто уставно или не, надлежна институција е Уставниот суд, порача министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, откако операторите вечерва по 18 часот времено го прекинаа емитувањето на телевизиските програми со исклучок на таа на јавниот сервис МРТВ, во знак на протест од, како што соопштија, наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги. Манчевски во објава на својот профил на Фејсбук, исто како што соопшти претходно и МИОА,  наведе дека со денешното исклучување на емитувањето на телевизиските канали од страна на операторите е направена повреда на членот 115 од Законот за електронски комуникации. МИОА во соопштението упати и на условите под кои може да дојде до прекин на емитувањето на програмите, како и последиците од непочитувањето на ЗЕК. Корисниците на услугите на операторите ги советува дека законски имаат право за надомест на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори, како и соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации. МИОА во реакцијата го цитира членот 115 од ЗЕК, според кој операторите кои обезбедуваат пристап до јавна електронска комуникациска мрежа можат, без согласност на корисниците, привремено да го ограничат или прекинат пристапот до нивните услуги, доколку тоа е потребно заради реконструкција, модернизација, одржување или во случај на технички пречки или недостатоци во мрежата. Операторите, стои во член 115, се должни да ја информираат Агенцијата и да ги известат корисниците за ограничувањата или прекините кои траат подолго од 30 минути: – најмалку 48 часа пред планираната реконструкција, модернизација или одржување или – колку што е можно побрзо, но не подолго од 48 часа, кај ограничувањата или прекините предизвикани од технички пречки или недостатоци во мрежата. Воедно операторите треба да ги преземат сите неопходни мерки, ограничувањата или прекините да траат што е можно пократко. -Со оглед на тоа што не се работи за прекин кој е предизвикан заради реконструкција, модернизација, одржување, технички пречки или недостаток на мрежата, јасно е дека се работи за повреда на законот, велат од МИОА. Последиците за ова дело, дополнуват, се дефинирани во членовите 182 и 186 од Законот за електронски комуникации. Според член 182, глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на правно лице, односно трговец поединец, ако изврши привремено ограничување или прекин на пристап, спротивно на членот 115 од овој закон, а глоба во износ од 30 проценти од одмерената глоба за правното лице, односно за трговецот поединец ќе му се изрече и на одговорното лице во правното лице, односно на одговорното лице во трговецот поединец за прекршоците од ставот 1 на овој член. Во член 186 е  пропишано дека на правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182,183 и 184 од овој закон покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана на вршење на определена дејност во траење од шест месеци до три години, а може да му се изрече и прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот. -На одговорното лице во правното лице за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата, ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година. На трговец поединец за сторен прекршок од членовите 180, 181, 182, 183 и 184 од овој закон, покрај глобата ќе му се изрече и прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, а може да му се изрече прекршочна санкција одземање на предмети со кои е сторен прекршокот, предвидува член 186. Покрај ова, упатува МИОА, сите претплатници на операторите имаат законско право да бараат и право за надоместок на штета од страна на операторите, поради прекршување на одредбите од претплатничките договори и можат да бараат соодветна правна заштита преку Агенцијата за електронски комуникации. Операторите во соопштение образложија дека причина за прекинот на програмите е усвојувањето на измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги по, според нив, скратена и нетранспарентна постапка, без претходна консултација и расправа. - Со овој Закон, на сите оператори им се наметнува обврска да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Реемитувањето на програми и авторските права е согласно ЕУ стандардите и е веќе уставно регулирано со закон. Дополнително, на 29.05.2020, во време на вонредна состојба, донесена е Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена, наведоа во соопштение операторите  од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија.лв/  

Остани поврзан