Малото градинарско производство и сушата диктираат цени на зелениот пазар
- Сушата и малото градинарско производство, зависноста од увозот и лошата година ги држат високо цените на градинарските култури, констатира агриномот од Прилеп, Филип Димкоски оценувајќи дека не се очекува некое намалување на цените на зелената храна.
Прилеп, 5 јули 2025 (МИА) - Сушата и малото градинарско производство, зависноста од увозот и лошата година ги држат високо цените на градинарските култури, констатира агриномот од Прилеп, Филип Димкоски оценувајќи дека не се очекува некое намалување на цените на зелената храна.
-Повеќе фактори влијаат на цените и зошто се тие повисоки. Иако сметам дека не се толку високи колку што се сразмерни на нашето мало производство. Според мене, повеќе од производна, а помалку од еконосмска страна, тие цени нема да имаат големи намалувања во текот на оваа година, зашто сушата предизвика намалено производство и тоа секако ќе влијае на цените. Или ќе останат исти, или можеби ќе одат уште повисоко зашто едноставно, имаме многу мало домашно производство. На тоа го додаваме факторот на увозната зависност што ја имаме и, особено за оваа година, не може да се очекуваат помали цени. А да се смета на поголемо производство, секако, е доцна, вели Димкоски.

Нормални се сушните и врнежливи години. Но, доколку се користат методи кои се органски и поблиски до природата, производителите ќе успеат да направат здраво растение кое ќе се избори со плевелите, со болестите, со штетниците кои неминовно се појавуваат. Особено сега, во ваква сушна година.
-Значи, имаме забавен развој на растенијата, тие не успеваат да ги искористат хранливите материи од почвата, процесите се бавни и со тоа значи дека ќе имаме и помали и закржлавени производи: ќе се одрази и на квалитетот и на кванитетот. Од друга страна, годинава имаме многу инсекти, вели Димкоски.

Агрономот Филип Димкоски смета дека мора да се поттикне малото производство, односно малите производители.
-Со последните измени што се воведуваат, мислам дека, наместо да се поттикне малото производство , некако одат во спротивен правец. Значи, мора да се олеснат законските регулативи, односно да се подобрат и да се унапрерат за малиот производител да биде мотивиран, да може на легален начин да го продаде своето мало производство, а да нема пречки и да не биде загрозен од големитре производители. Ние треба да ги стимулираме зашто нам многу ни фали градинарско производство во државава, а тоа ни е основа во храната, исто како и житните култури. Што значи, законски регулативи и, едноставно, послободен и пофер пазар за малите производители, објаснува прилепскиот агроном Филип Димкоски.ем/свс/
фото извор МИА