• среда, 27 ноември 2024

Мали: Единствениот пазар на труд ќе придонесе за економскиот напредок и инвестициите

Мали: Единствениот пазар на труд ќе придонесе за економскиот напредок и инвестициите

Белград, 1 март 2024 (МИА) - Единствениот пазар на труд на Србија, Албанија и Северна Македонија е официјално воспоставен од денеска, изјави министерот за финансии Синиша Мали и додаде дека тоа ќе придонесе за понатамошен економски напредок и поголеми инвестиции во нашиот регион, како и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на земјите потписнички, јави дописникот на МИА од Белград.

Синиша Мали кажа дека денеска започна имплементацијата на Протоколот за поврзување на шемата за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан и Протоколот за имплементација на договорот за услови за слободен пристап до пазарот на труд во Западен Балкан кои беа потпишани во јануари во Скопје на Самитот на лидерите од Западен Балкан.

-Ова се многу важни протоколи во рамките на иницијативата Отворен Балкан и благодарение на нивната имплементација, граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија ќе имаат можност да влезат на територијата на која било земја со валиден личен документ за слободно движење и можност за вработување во сите три земји без издавање работни дозволи, кажа Синиша Мали во соопштенеито до медиумите.

Мали напомена и дека електронските услуги за пријавување работници на единствениот пазар на труд ќе станат достапни за граѓаните во текот на следната недела, како и дека ќе се поврзат порталите за е-управа на трите земји.

Воспоставувањето на заеднички пазар на труд на Србија, Албанија и Северна Македонија, додаде Мали, ќе биде од корист и за граѓаните и за економијата на регионот како целина, бидејќи проширувањето на пазарот на труд отвора поголеми деловни можности и за поединците и за компаниите.

Според него, со укинување на вишокот документи и процедури, граѓаните на трите земји потписнички ќе можат полесно да најдат подобро вработување и да работат, што ќе придонесе за поголема циркулација и поврзување на луѓето во регионот.

Истовремено, додаде тој, деловните субјекти кои работат во земјите потписнички полесно ќе дојдат до дефицитарните кадри.

-Иако Србија денес има рекордно висока стапка на вработеност од 50,5 отсто и ниска стапка на невработеност од 9,1 отсто, за нас е многу важно да привлечеме нова работна сила од регионот, имајќи ги предвид нашите амбиции и планови вклучени во програмата „Скок во иднината - Србија 2027. Затоа ова е голема работа за нас, што ќе придонесе за решавање на проблемот со недостигот на работна сила, кажа Мали.

Тој посочи и дека единствениот пазар на труд ќе придонесе за натамошен раст на градежната индустрија, туризмот и угостителството и секторот на информатичко-комуникациските технологии.

-Целта на иницијативата „Отворен Балкан“ е од самиот почеток да се продлабочи заедничкиот регионален пазар преку имплементација на различни мерки кои ќе донесат, пред сè, брзи, конкретни и јасни резултати кои ќе бидат видливи за нашите граѓани и компании, и за развој на нашите економии. Исто така, многу е важно преку имплементацијата на иницијативата „Отворен Балкан“ да создадеме нови можности за младите да живеат и работат во регионот, да останат тука и да работат на понатамошен напредок на нашите економии, изјави српскиот министер за финансии. об/лв/

фото: Принт скрин 

Остани поврзан