• сабота, 23 ноември 2024

Максути: Трите противпожарни авиони се функционални

Максути: Трите противпожарни авиони се функционални

Скопје, 14 март 2023 (МИА) - Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути истакна дека трите противпожарни авиони се функционални и спремни за гасење пожари во летниот период. Тој посочи дека денеска ќе отворат јавна набавка за други нови авиони.

-Двата авиони беа користени цело време. Ние имавме интервенција со авиони и во ноември лани, што не е типично за тој временски период и на 7 јануари оваа година, кога со авион е интервенирано на пожарот. Третиот авион се врати минатата недела и е спремен да се употребува. Денеска ќе отвориме нова јавна набавка за други авиони. Мислам дека влегуваме во една  фаза, односно континуирано да ги следиме и да ги решиме проблемите кои може да ни се појавуват, рече Максути на предавањето на донацијата од Владата на Романија за ДЗС. 

Максути потенцира дека предизвик за институциите и Владата преостанува решавањето на проблемот со немањето на доволно пилоти за авиони.

-Единствено, за сите институции но и за Владата предизвик ни преостанува решавањето на проблемот со немањето доволно пилоти за авиони. Значи, во секој авион треба да служат тројца пилоти за да имаме континуитет во тоа што се работи. Правилата на  Цивилното воздухопловство на ЕУ се многу ригорозни, стриктни во однос на употребата, во однос на летањето, затоа што станува збор за една најспецифичните и најризичните летала за управување, рече тој. 

Максути информира дека веќе се обратиле и до Владата и до Министерство за финансии да им овозможат дополнителни средства за привлекување луѓе.

-Сепак, тоа е навистина предизвикувачко прашање затоа што многу луѓе може да наоѓаат многу полесни работни позиции, места на цивилни летала.  За да управува пилот со вакво летало, треба дополнителна обука која што е многу скапа, која што е многу ригорозна, и која што честопати односно најчесто завршува со неуспех.  Значи кандидатите треба да бидат навистина на нивото на задачите за да можат да управуваат, да  можат да бидат лиценцирани со таков вид на летала, рече тој.  

Одговарајќи на новинарско прашање, Максути рече дека многу е тешко да се најде кадар за таков вид на летала, посочувајќи дека за да се донесе кадар надвор од државата тие треба да поминат низ повеќе филтри. 

-За да се донесе некој од надвор треба да помине низ филтри, односно треба да добие лиценца и  овластување од Агенцијата за Цивилно воздухопловство во РСМ за да може да управува со наш авион. Но, тоа е предизвик за којшто треба да размислуваме и во иднина. Моментално работиме на тоа и се надевам дека ќе најдеме начин оваа бројка што ја имаме моментално да ги исполнува задачите, затоа што дел од нив веќе поради старост, поради други причини ги завршуваат своите обврски тука. Ние мора да размислуваме односно да имаме во континуитет нови кадри, пилоти коишто ќе може да ги управуваат авионите, рече Максути. 

Потенцира дека прават напори за да се реши со немањето на хангар затоа што, како што рече Максути, авионите моментално се чуваат на отворено.фф/дма/

Фото: МИА

 

Остани поврзан