• понеделник, 23 декември 2024

Македонско финале на 51. Струшки ракометен турнир

Македонско финале на 51. Струшки ракометен турнир

Струга, 18 август 2023 (МИА) - Екипата на Вардар утре ќе ја брка рекордната 14-та титула на ракометниот турнир во Струга против тимот на Алкалоид , откако вечерва во воведниот натпревар потешко од очекуваното го совлада Ескилтуна Гуиф со 28:26 (14:10). Избраниците на Кире Лазаров пак го совладаа грчкиот шампион АЕК со 26:23 (13:15).

 

Во возбудлива и динамична игра со квалитетен ракомет иако го загубија првото полувреме со минус два (13:15) тимот од Автокоманда во вториот дел влезе со многу енергија и желба да стигне до финалето. Успеаја да направат пресврт и извојуваат победа.

 

Голманот Алехандро Ромеро беше еден од клучните во тимот од Автокоманда со осум одбрани во одлучувачки моменти, одбрани пенал и неколку зицери во финишот, кои беа пресудни за крајниот резултат.

 

Претходно Вардарци иако имаа позитива од четири голови на полувреме и започнаа одлично во првите десетина минути од вториот дел зголемувајќи на плус шест (18:12) сепак Швеѓаните не се предаваа и во последните десет минути влегоа со нерешен резултат (22:22).

 

Повеќето нерви и искуство на Вардар во реализација на неколку напади беше пресудно за мечот да го однесе во помирен крај и победа од 28:26 и борба за рекордна 14 титула во саботното финале.

 

Ескилтуна Гуиф ќе игра во малото финале против Грчкиот шампион АЕК во натпреварот за трето место.

 

Најдобар поединец во Вардар беше Стефан Петриќ со седум гола, додека кај шведскиот претставник се истакна голманот Марко Рогановиќ со 16 одбрани.

 

За петтото место на 51. Струшки ракометен турнир силите ќе ги одмерат домаќинот Струга со српскиот претставник Динамо Панчево. сс/зс/

Остани поврзан