Македонско научно друштво-Битола одбележа 65 години од денот на основањето
- Македонско научно друштво-Битола, најстарата институција во земјава посветена на науката, образоваанието, културата и уметностите, со свечена академија го одбележа јубилејот 65 години од основањето.
Битола, 25 април 2025 (МИА) - Македонско научно друштво-Битола, најстарата институција во земјава посветена на науката, образоваанието, културата и уметностите, со свечена академија го одбележа јубилејот 65 години од основањето.
Македонско научно друштво е формирано на 25 април 1960 година од група битолски интелектуалци чија мисија и визија денеска ја реализира новата генерација членови, истакна претседателката проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска.
-Македонско научно друштво се истакнува во повеќе области, издавачката дејност, одбележување значајни јубилеи, јавни дебати, стручни мислења, меѓународна соработка и други сфери на јавниот живот во градот, државата и странство, посочи Андоновска Трајковска.
На свечената академија се обрати и градоначалникот на Битола Тони Коњановски, кој истакна дека научната мисла е темел на секој вистински развој, бидејќи без неа, како што рече, нема ни иновации, ни прогрес, ни иднина.
-Битола отсекогаш знаела да ги препознае и поддржи оние вредности што создаваат траен белег. Токму затоа, горди сме што ова друштво својата историја ја гради во нашиот град и верувам дека Општина Битола и понатаму ќе остане партнер и поддржувач на научните иницијативи и развојот на знаењето. Овој јубилеј не е само повод за славење на минатото, туку и повик кон иднината – кон нови проекти, нови истражувања и уште посилна поддршка за младите кои денес учат, и создаваат, бидејќи тие ќе бидат идните столбови на македонската наука, посочи Коњановски.
Македонско научно друштво на институциите што соработува, поддржувачи на друштвото, како и на поединци им додели благодарници за придонесот во работата и афирмацијата на друштвото. мт/дма/
Фото: МИА