• вторник, 24 декември 2024

Македонското знаме поставено во холот на НАТО во Пентагон

Македонското знаме поставено во холот на НАТО во Пентагон
Скопје, 18 септември 2021 (МИА) - Во холот на НАТО во Пентагон се одржа церемонија на откривање на македонското знаме кое по членството во НАТО им се придружи на 29-те знамиња на останатите земји членки на Алијансата. Знамето симболично го открија министерката Радмила Шекеринска и помошничката секретар за одбрана на САД, Лора Купер. Од Министерството за одбрана, информираат дека посочувајќи дека членството на Северна Македонија во НАТО го зацврсти мирот и стабилноста на регионот, Купер и се заблагодари на министерката Шекеринска за нејзиното лично залагање за членството во НАТО и за огромниот придонес во развивањето на македонско-американските односи. На церемонијата присуствуваше и американската амбасадорка во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз која во пригодниот говор рече дека нашето членство во НАТО е од решавачка важност за стабилноста и напредокот на регионот, при што и честиташе на Шекеринска на нејзиното, како што рече, лидерство и визионерство во остварувањето на стратешките цели на државата. Шекеринска, се вели во соопштението, истакнала дека успехот со членството во НАТО е резултат на силна политичка храброст, 30-годишна напорна работа, но и на постојана поддршка од пријатели како САД. “Ви благодарам што верувавте во нас, рече министерката. На церемонијата присуствувал и Морин Кормак, помошничка државен секретар за азиски и евроазиски прашања во чиј домен е и нашиот регион, директорката на Агенцијата за одбранбена и безбедносна соработка Хајди Грант, и други претставници од Пентагон како и од Амбасадата на Северна Македонија во Вашингтон и од Американската амбасада во Скопје. аа/лв/

Остани поврзан