• сабота, 23 ноември 2024

Македонски креативни инклузивни работилници претставени во Националниот музеј на уметност на Каталонија

Македонски креативни инклузивни работилници претставени во Националниот музеј на уметност на Каталонија

Скопје, 31 октомври 2023 (МИА) - Во Овалната соба на Националниот музеј на уметност на Каталонија (Museu Nacional d'Art de Catalunya) во Барселона, Шпанија, на 27. октомври се одржа Завршната конференција на европскиот проект ИНАРТдис (https://inartdis.eu), информираат од Здружението „Образование за сите“.

По обраќањето на претставниците на министерствата за култура и социјална политика, директорот на Националниот музеј на уметност на Каталонија и претставниците на координаторот на проектот, Автономниот универзитет на Барселона (Universitat Autònoma de Barcelona), премиерно беше претставен документарниот филм „Inclusive Creative Spaces / Инклузивни креативни простори“ на шпанско-чилеанската режисерка Сесилија Барига. Филмот ги прикажува процесите и резултатите на создавањето на инклузивните креативни простори кои се спроведоа во Шпанија, Македонија, Португалија, Австрија и Германија.

Во филмот беа претставени и работилниците во Скопје организирани од страна на Здружението „Образование за сите“ Скопје, во кои учествуваа стручни лица од Музејот на современата уметност во Скопје, како и дел од наставниот кадар и ученици  од ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, ОУРЦ „д-р Златан Сремец“ – Скопје и средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје.

По прикажувањето на документарниот филм, посетителите можеа да проследат модна ревија од инклузивни дизајни креирани од лица со интелектуална попреченост.

Останати партнери во проектот се: Здружението за унапредување на образованието, културата и спортот „Образование за сите“ од Скопје, Политехничкиот универзитет на Лисабон, Португалија (Lisbon Polytechnic Institute), Универзитетскиот педагошки колеџ Штаерска, Австрија (University College of Teacher Education Styria), Универзитетот на Кантабрија, Шпанија (University of Cantabria) и Работилницата за театар и уметност „Тиква“-  работна група Северен Берлин, Германија (Thikwa Werkstatt für Theater und Kunst of Nordberliner Werkgemeinschaft).

Целта на ИНАРТдис е да ги приближи уметноста и културата до студентите/учениците со попреченост за да развие социјална инклузија преку просторите за уметничка креација (музеите) и да ја олесни инклузијата. Во чии рамки на проектот беа развиени стратегии и алатки за приближување на уметноста и културата до сите луѓе, во инклузивен контекст. љм/дма/

Фото: Здружение „Образование за сите“

 

Остани поврзан