• сабота, 23 ноември 2024

Македонските одбојкари очекуваат финале во Европската сребрена лига

Македонските одбојкари очекуваат финале во Европската сребрена лига
Струмица, 4 јуни 2021 (МИА) - Македонската одбојкарска репрезентација очекува пласман во финалето на завршниот турнир од Европската сребрена лига што се игра утре и задутре во салата „Парк“ во Струмица. Прв противник на нашите одбојкари во првата полуфинална средба е репрезентацијата на Хрватска и со победа репрезентативците ги отвараат вратите на финалето. Капитенот Никола Ѓорѓиев очекува златен медал. - Нашата цел е освојување на Сребрената европска лига. Имаме квалитет и тоа го покажавме на натпреварите во групите каде завршивме убедливо на првото на место. Утре прв противник ни е Хрватска. Во моментот сме подобри од нив, но се ќе зависи од нас и од играта којашто ќе ја прикажеме. За нас многу значи присуство на публиката во салата и затоа сме многу среќни, бидејќи нашата струмичка публика ја знае и ја препознава одбојката и се надевам дека ќе биде наш седми играч, рече капитенот Ѓорѓиев. Либерото Дарко Ангеловски додава дека атмосферата во репрезентацијата е победничка и во Струмица очекува продолжување на победоносната серија од турнирот во Данска. - Утре одиме на победа. Хрватите се прва пречка до финалето и се надевам дека в недела ќе го чекаме победникот од натпреварот меѓу Данска и Унгарија. Не се плашиме од противниците. Се плашиме самите од себе зашто ако еден киксне тогаш не ни оди на сите, но очекувам да ни тргне на сите. Од овие репрезентации може најмногу да ни спротивстават Унгарците. Според мене, најмногу ни одговара финале со Данска, бидејќи добро се знаеме со нив. Тие имаат страв од нас, по убедливите 3:0 на нивниот терен. Првиот противник, репрезентацијата на Хрватска е млада репрезентација, со двајца искусни одбојкари на примачките позиции, но ние влегуваме во натпреварот за да победиме, изјави Ангеловски. Првиот полуфинален натпревар меѓу Македонија и Хрватска почнува утре во 17 часот, а во вториот, во 20 часот, силите ќе ги одмерат репрезентациите на Данска и Унгарија. Финалниот натпревар се игра в недела со почеток во 20 часот, а претходно е мечот за бронзениот медал. Со одлука на Владата, завршниот турнир од Европската сребрена лига ќе се игра со присуство на публика со 30 отсто од капацитетот на салата „Парк“, односно нашите репрезентативци ќе може да ги бодрат околу 500 гледачи. Во последните пет натпреварувања во Европската лига македонската одбојкарска репрезентација три пати беше сребрена и два пати беше во полуфиналето. рт/зс/

Остани поврзан