• понеделник, 23 декември 2024

Македонска Каменица собира пари за операциите на каменичкиот рудар во пензија Санде Цековски

Македонска Каменица собира пари за операциите на каменичкиот рудар во пензија Санде Цековски
Македонска Каменица, 8 октомври 2020 (МИА) – Продолжува голготата за каменичкиот рудар во пензија Санде Цековски. Цековски кој боледува од малигна неоплазма на коски, деновиве беше подложен на две нови операции, кои не може да ги плати. Граѓаните на М. Каменица повторно започнаа мисија за собирање средства за Санде, кој како што информира организаторот и хуманист Дарко Гоцевски, треба да ја плати вкупната сума од 136 илјади денари. -По втората операција во Аџибадем Систина, тој беше подложен и на три мал хируршки зафат, по што побаруваните средства од болницата му се зголемија за нови 136.708 денари. Имајќи предвид дека подолг период веќе се лекува и сето тоа подразбира трошење на финансиски средства, но имајќи го и фактот дека е задржан во болницата Аџибадем Систина на дополнителни иследувања и превентивни постоперативни мерки, тој дефинитивно не може да го поднесе финансискиот товар. Затоа во негово име, ја бараме поддршката од сите хумани граѓани, истакна Гоцевски. Акцијата за донирање за Цековски во моментот тече на социјалните мрежи, каде како што додава Гоцевски граѓаните за неполни три часа успеаја да соберат една четвртина од парите. -Апелирам до сите хумани да се вклучат во онлајн донациите, со што уште еднаш ќе покажеме дека Македонска Каменица е хуман град, додаде Гоцевски. Освен онлајн донациите за каменичкиот рудар, хуманите можат да донираат и на броевите 143 145 на Телеком и 143 485 на мрежата на А1. вс/ир

Остани поврзан