• сабота, 23 ноември 2024

Македонската државна и црковна делегација го презема Благодатниот оган во Ерусалим

Македонската државна и црковна делегација го презема Благодатниот оган во Ерусалим
Скопје, 15 април 2023 (МИА) - Државната делегација на Република Северна Македонија и црковната делегација на Македонската православна црква – Охридска Архипеископија присуствуваа на појавувањето на Благодатниот оган во базиликата Свет Гроб во Ерусалим, а потоа и лично презедоа Оган од Ерусалимскиот патријарх, како благослов за верниците во нашата држава и нашата православна црква, МПЦ-ОА.
 
На церемонијата „Преземање на Благодатниот оган во Ерусалим” во базиликата на Светиот Гроб во стариот град на Ерусалим, државата Израел, соопштија денеска од владината прес-служба, присуствувале голем број делегации од држави од светот, меѓу коишто, рамноправно со другите делегации, и претставници на македонската државна и македонска црковна делегација.
 
- Целта на упатувањето на делегациите во Ерусалим е чудото на слегувањето на Светиот Оган во Ерусалим, коешто се случува секоја година за време на посебната православна служба на Велика Сабота на пладне, во Базиликата на Светиот Гроб, во пресрет на полноќното исчекување на објавата за Христовото Воскресение. И покрај оградата на науката, поради натприродниот карактер на појавата, со векови, присутните сведочат за доживувано слегување на несоздадениот Благодатен Оган, што го пали кандилото на пресветиот Гроб, без човечка интервенција. Од тоа кандило Ерусалимскиот патријарх пали снопови со свеќи, од коишто понатаму им го дели Огнот на присутните верници, кои го очекуваат, стои во соопштението од владината прес-служба.Церемонијата на преземање на Благодатниот оган е посветена на празнување на Светата светлина, што се смета за величествен момент што ги поврзува верниците ширум светот со светлината на Исус Христос, а се случува во Ерусалим речиси 2.000 години, на којшто присуствуваат христијани од целиот свет.
 
Македонската државна и црковна делегација по завршување на свечената церемонија се враќа во Скопје, пренесувајќи го Благодатниот оган од Ерусалим во фенер.
 
Државната делегација во Ерусалим ја предводи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, а во нејзин состав се министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски. Во црковната делегација се повеќемина свештени лица предводени од шефот на делегацијата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, Митрополит Тетовски-гостиварски, г. Јосиф Тодоровски.На Меѓународниот аеродром Скопје, државната и црковната делегација со почести треба да ја пречека претседателот на Владата Димитар Ковачевски и црковна делегација од МПЦ-ОА. цр/бак/
 
 
Фото: Влада на Република Северна Македонија
 
Видео: Влада на Република Северна Македонија
 

Остани поврзан