Македонската и турската фудбалска федерација ќе ја интензивираат соработката
- Продлабочување на соработката преку реализација на конкретни проекти, иницираа раководствата на македонската и на турската фудбалска федерација денеска во Скопје.
Скопје, 11 февруари 2021 (МИА) – Продлабочување на соработката преку реализација на конкретни проекти, иницираа раководствата на македонската и на турската фудбалска федерација денеска во Скопје.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини на средбата со првиот човек на Турската фудбалска асоцијација (ТФФ) Нихат Оздемир и неговиот заменик и член на Извршниот комитет на УЕФА Сервет Јардинџи, како што е соопштено, ја истакнал важноста од тесни партнерски односи со ТФФ.
- Турската фудбалска Федерација е една од најголемите во Европа. За разлика од нив, ние сме мала федерација, но сме земја која се стреми кон големи работи и делиме подеднаква страст за фудбалот. За нас е исклучително значајно да имаме партнер во Турската фудбалска Федерација и верувам дека нашата идна соработка ќе биде на многу повисоко ниво со конкретни проекти, посочи Сејдини на средбата со раководството на ТФФ.
Во разговорите, како што соопшти ФФМ, „Оздемир и Јардинџи посакаа успешна и плодна работа на претстојното Редовно изборно собрание на ФФМ и успех на македонската репрезентација на претстојното Европско првенство“. ег/сст/