Македонија со две контроли пред квалификациските дуели за ЕП
- Машката одбојкарска репрезентација на Македонија од утре до четврток е домаќин на силниот меѓународен турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“
Скопје, 4.август 2025 (МИА) - Машката одбојкарска репрезентација на Македонија од утре до четврток е домаќин на силниот меѓународен турнир „Бранко Хаџииљоски – Чајка“. Покрај Македонија на турнирот ќе настапат репрезентациите на Швајцарија и на Бугарија, воедно овие две контроли ќе бидат последен тест пред двата натпревара од квалификациите за Европското првенство.
- Ова ќе биде една финална подготовка да видеме до каде сме со подготовките. Со Бугарија веќе одигравме два натпревара. Очекувам сега против Швајцарија и повторно Бугарија да биде уште подобро и се надевам дека здрави живи и ќе го трасираме патот за првиот дуел против Грција. Тактиката ќе се подготвува пред самиот натпревар. Сеуште не сме почнале со тоа, го чекаме нашиот статистичар, а потоа ќе почнеме тактички да се подготвуваме за да излеземе на мегдан 100% воиграни и со зад нас четири пријателски натпревари, изјави капитенот Никола Ѓорѓиев на денешната прес конференција.
Турнирот „„Бранко Хаџииљоски – Чајка“, ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“, а влезот за сите натпревари во салата ќе биде слободен.
Македонија утре игра против Швајцарија (почеток 17:45 часот), в среда е дуелот Швајцарија - Бугарија (почеток 19 часот) и последниот ден играат Македонија - Бугарија (четврток почеток 19 часот). мн/
Фото: Одбојкарска федерација на Македонија