• вторник, 24 декември 2024

МАГО: Свеста за сексуалното и репродуктивното воспитување кај младите е на ниско ниво

МАГО: Свеста за сексуалното и репродуктивното воспитување кај младите е на ниско ниво
Скопје, 11 мај 2022 (МИА) - Најмалата малолетничка што имала абортус кај нас е на 13-годишна возраст, што е еден поразителен факт за свеста за сексуалното и репродуктивното воспитување кај младите кое сè уште е на ниско ниво, беше истакнато на денешната панел-дискусија по повод Неделата на женското здравје, во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО). Во 2020 година имало 18 пациентки под 15 години коишто биле родилки, а во проценти од вкупната бројка на породувања за 2020 некаде 4,9 проценти од новороденчињата се на трудници коишто биле малолетни, односно од 15 до 19 години, посочија од МАГО. Панелистите потенцираа дека едукацијата на младите за сексуалното воспитување е многу битно во натамошното намалување на сите болести од областа на гинекологијата. Посочија дека улогата на сексуалното образование во училиштата треба да биде еден од параметрите што ќе допринесе да тоа се подобри. Тие потенцираа дека мора да работат посветени сите чинители за да се подигне свеста и знаењето на населението за основните нивни права и услуги и превенцијата која што може да ја добијат. Проф. Д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонскaта асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО) истакна дека од направените гинеколошки прегледи кај 1300 жени во рамки на мобилните гинеколошки амбуланти, активност која се реализира меѓу УНФА, Министерството за здравство, Македонското лекарско друштво, МАГО и Црвениот крст, кај десеттина пациентки биле откриени преканцерози и карциноми, додека 15 проценти биле пратени на дополнителни иследувања. - Пациентките се презадоволни од услугите што ги добиваат. Тие добиваат ултразвучен преглед, ПАП-брис по проценка на гинекологот и ХПВ-тест за скрининг за ХПВ-инфекција и за сексуално преносливи инфекции. Не само цервикалниот карцином, ние со улстразвукот зависно од дебелината на ендометриумот од постоење на цистични промени на јајниците можеме пациентките, и тоа и го правиме, директно преку лап-топови и врска со Мој термин ги препраќаме на дополнителни иследувања – дали се тоа туморски маркери, рендген дијагностика, компјутер, дали ги закажуваме во нашите амбуланти на Универзитетската клиника доколку се работи за одредена супспецијалност, значи некое заболување кое што е вон рамките на лекарот којшто е во моментот во мобилната амбуланта, рече Тофовски. Од МАГО истакнаа дека од направените анализи, повеќе од 30 проценти од жените воопшто немаат избрано матичен гинеколог, автоматски не одат ни на редовни гинеколошки прегледи, не ги користат превентивните мерки, односно правото да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според нив, кај младите иако се информираат од медиумите и од другите информативни портали, сепак има една стигма и едно незнаење за некои од основните работи. Некаде 20 проценти од младите, мислат дека кондомот штити од несакана бременост, а не штити од сексуално преносливи инфекции и обратно 20 проценти од младите мислат дека ако пијат орална контрацепција тоа ќе ги заштити од сексуално преносливи болести што апсолутно не е точно, посочуваат од МАГО. Проф. Д-р Ана Данева, претседател на Комитетот за безбедно мајчинство истакна дека за антенаталните услуги источниот регион бележи најмалку услуги или одзив кон овие услуги. Таа посочи дека треба да бидеме и географски ориентирани кон оние места каде што има и помал фертилитет и помал наталитет за да се влијае истовремено и на сите останати, затоа што, како што рече, и наталитетот и репродуктивното здравје се особено важни и во голема мера поврзани со сите овие услуги. Проф. Д-р Горан Димитров, специјалист гинеколог – акушер од Клиниката за гинекологија и акушерство рече дека едукацијата и воспитувањето на младите е многу важно заради тоа што, 33 проценти од нашпите адолесценти мислат дека кондомот дека всушност се употребува само за спречување на несакана бременост и дека не штити од преносливи болести. фф/сп/

Остани поврзан