МААЕ побара подлабински инспекции на иранските нуклеарни локации
- Во последните месеци, на инспекторите на МААЕ им беше дозволено да ги посетат само неоштетените објекти, но не и оштетените места за збогатување каде што е произведен ураниум со ниво на чистота речиси соодветно за нуклеарно оружје.
Виена, 20 ноември 2025 (МИА) - Управниот одбор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска изгласа Техеран да се повика да дозволи подлабински проверки на иранската нуклеарна програма на Иран, јави ДПА.
Израел и САД во јуни, во текот на 12-дневната војна, нападнаа важни ирански нуклеарни објекти со цел да ја спречат Исламската Република да развива нуклеарно оружје. Техеран постојано негира дека се стреми кон такви цели, потсетува германската агенција.
Дури и пред овие напади, мисиите на проверки и инспекции на МААЕ во Иран беа строго ограничени од раководството во Техеран.
Во последните месеци, на инспекторите на МААЕ им беше дозволено да ги посетат само неоштетените објекти, но не и оштетените места за збогатување каде што е произведен ураниум со ниво на чистота речиси соодветно за нуклеарно оружје.
Одборот на гувернери на МААЕ денеска во Виена побара итен пристап до преостанатите нуклеарни објекти и ураниумот, јави ДПА.
Иран, исто така, мора да го спроведе таканаречениот дополнителен протокол кон својот договор за инспекција со МААЕ, се наведува во соопштението.
Ова ќе им овозможи на инспекторите да ги посетат објектите без претходно предупредување и да бараат траги од тајни активности надвор од познатите нуклеарни локалитети.
Техеран уште во 2021 година ги суспендираше овие права за инспекциите. Од нападите во јуни, Иран одлучуваше за секој случај поединечно дали да ѝ дозволи пристап на МААЕ.
Претставникот на Иран во МААЕ, Реза Наџафи, ја критикуваше резолуцијата. Неговата земја неодамна разговараше со МААЕ за можен пристап до дополнителни објекти, но потегот на Одборот на гувернери би имал „последици“, рече тој пред новинарите во Виена.
Според дипломатите, резолуцијата била поддржана од 19 држави. Русија, Кина и Нигер гласале против, а дванаесет држави се воздржале од гласање. сд/са/
фото: МИА архива