• понеделник, 23 декември 2024

Лула да Силва: Бразил размислува да се приклучи на кинеската иницијатива „Појас и пат“

Лула да Силва: Бразил размислува да се приклучи на кинеската иницијатива „Појас и пат“

Бразилија, 20 јуни 2024 (МИА) - Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави дека неговата администрација го разгледува „предлогот да се приклучи“ на иницијативата „Појас и пат“, главниот кинески инфраструктурен и инвестициски проект, пишува весникот „Саут Чајна морнинг пост“.

Како што се наведува, Лула ја изразил својата отвореност да се приклучи на иницијативата се додека таа, како што наведе, „донесува видливи резултати“.

„Бидејќи Кина сака да зборува за овој Пат на свилата (претходното име на иницијативата), ќе треба да подготвиме предлог за да процениме што добиваме, кои се придобивките за Бразил ако учествуваме во оваа работа“, рече тој.

Ова е прв пат бразилската Влада отворено да објави можност за приклучување кон кинеската иницијатива, и покрај тоа што Кина упати неколку покани во минатото, пишува весникот.

Бразил не сакаше да се приклучи на трговската и инфраструктурната мрежа со Кина и е една од трите јужноамерикански земји кои не учествуваат во проектот, заедно со Колумбија и Парагвај.

Бразил и Кина годинава одбележуваат 50 години билатерални односи, а се очекува кинескиот претседател Си Џинпинг во ноември да присуствува на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро.

Лула завчера изјави дека ќе биде гостин на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), што се одржува во ноември во Перу, наведува кинескиот весник. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан