Лула во авторски текст за „Гардијан“: СБ на ОН дозволува неконтролирана моќ и бруталност, ОН мора да се реформира
- „Секое кршење на меѓународното право повикува на ново. Од Авганистан до Иран и во Ирак, Либија, Сирија, Украина, Газа и Венецуела линијата помеѓу она што е дозволено и она што е забрането постепено се замаглува поради соучесничката неактивност на Советот за безбедност на Обединетите нации“, наведе Лула да Силва во колумна за „Гардијан“.
Бразилија, 30 март 2026 (МИА) - Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва истакна дека Советот за безбедност на Обединетите нации дозволил раст на неконтролирана моќ и бруталност и дека ОН мора да се реформира за да се заштити мирот.
„Секое кршење на меѓународното право повикува на ново. Од Авганистан до Иран и во Ирак, Либија, Сирија, Украина, Газа и Венецуела линијата помеѓу она што е дозволено и она што е забрането постепено се замаглува поради соучесничката неактивност на Советот за безбедност на Обединетите нации“, наведе Лула да Силва во колумна за „Гардијан“.
Тој истакна дека постојаните членки го користат ветото и како штит и како оружје, честопати дејствувајќи без втемеленост во Повелбата на ОН, играјќи се со судбината на милиони и оставајќи трага од смрт и уништување.
„До неодамна имаше обиди со интервенции да им се даде легална фасада на поддршката на ОН. Денес, отворената употреба на моќ веќе не се обидува ниту да ја одржи привидната легитимност. Механизмите на мултилатералните институции стануваат премногу тесни за да ги ограничат хегемонските соперништва“, оцени бразилскиот претседател во колумната во „Гардијан“.
Тој нагласи дека без мултилатерализам, ризикуваме да го замениме недовршениот систем на колективна безбедност со бруталната реалност на широкораспространета несигурност.
„Кога ќе се отстранат сите ограничувања за употребата на сила, преовладува хаосот. Светот е сведок на најголемиот број вооружени конфликти од Втората светска војна. Не е случајно што ова се случува во време кога демократијата е на крстосница, екстремизмот е и почетна и крајна точка на деструктивен циклус. Кога владите си дозволуваат да бидат вовлечени во војна поради нетолеранција или ароганција на моќта, тие сеат семе на негодување, што раѓа повеќе омраза и насилство“, рече Лула да Силва во авторскиот текст.
Според него, живееме во трка во вооружување, што ги принудува земјите да трошат сè поголем дел од своите буџети за воени потреби.
„Глобалните воени трошоци, кои сега изнесуваат приближно 2,7 трилиона долари, трошат скапоцени ресурси, кои, наместо тоа, би можеле да се користат за борба против гладот и сиромаштијата, справување со климатската криза, обезбедување универзален пристап до образование и поттикнување дигитална инклузија“, рече Лула да Силва.
Бразилскиот претседател изјави дека ниту бомбите, ниту беспилотните летала, ниту ракетите не може да ја заштитат економијата од влијанието на вооружените конфликти.
„Флуктуациите на цените на нафтата значат поскапа, па дури и недостапна енергија, како и транспорт за бизнисите и потрошувачите. Блокадите ја ограничуваат трговијата, недостигот на ѓубрива ги зголемува цените на храната и ја зголемува инфлацијата“, нагласи тој.
Како што изјави, едностраните акции, произволните мерки, кршењето на суверенитетот и произволните егзекуции стануваат правило.
„Прекумерната моќ и нестабилноста одат рака под рака. Свет без правила е несигурен свет, каде што секој може да биде следната жртва. Насилството не може да го замени дијалогот ниту, пак, силата може да ја надмине дипломатијата“, рече Лула да Силва.
Тој рече дека прерогативите на постојаните членови на Советот се веќе неодржливи во меѓународниот поредок заснован на суверената еднаквост на народите.
„Кога се користат неодговорно, тие стануваат неподносливи. Време е решително да се одговори со враќање на капацитетот на реформираните Обединети нации да дејствуваат, така што ООН повеќе нема да остане само набљудувач на настаните што нè засегаат сите нас“, нагласи Лула да Силва во авторскиот текст за „Гардијан“. сд/ми/
Фото:МИА архива