Лукашенко помилува 29 политички затвореници во Белорусија
- Во Белорусија моментално има околу 1.300 политички затвореници, според податоците на организацијата за човекови права „Весна“.
Минск, 9 декември 2024 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко помилува 29 затвореници осудени за екстремизам, соопшти денеска неговата служба. Помилувањата се во пресрет на претседателските избори во јануари 2025 година.
Инаку, обвинението за екстремизам често се користи против политичките противници во Белорусија. Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, во последните месеци неколку пати ослободуваше политички затвореници.
Имено, 63 затвореници беа ослободени во ноември, 67 во септември, а 30 во август. Имињата на помилуваните не се објавени, но според белоруското претседателство, на списокот се вклучени 18 мажи и 11 жени, од кои 15 со хронични болести и шест помлади од 25 години.
Во Белорусија моментално има околу 1.300 политички затвореници, според податоците на организацијата за човекови права „Весна“.
Лукашенко планира повторно да се кандидира за претседателските избори на 26 јануари 2025 година. ссм/
фото: архива