• сабота, 23 ноември 2024

Лукаревска: Се бориме како жени, ние никогаш не сме се бореле за да владееме со животите на мажите

Лукаревска: Се бориме како жени, ние никогаш не сме се бореле за да владееме со животите на мажите

Дојран, 22 јули 2023 (МИА)- Се бориме како жени, ние никогаш не сме се бореле за да владееме со животите на мажите.Нашата борба е многу поинаква, нашата борба е за нашите сопствени избори, бидејќи ние не претставуваме само еден суптилен, преубав детал во сликата на среќно семејство, не сме совршен детал во понудите за успешни станбени кредити, не сме совршен детал во рекламите за квалитени средства за чистење по дома. Нашата приказна е многу поголема и заслужуваме многу повеќе, рече Сања Лукаревска, директорка на УЈП на панелот на караванот „Остави трага“ што вечерва се одржа во Дојран.

Додаде дека изборот е сопствен, а на сите жени им признава дека многу е направено.

-Една девојка со храброст претставува револуција, иако војните повеќе во денешно време можеби доликуваат на мажите. Но, што повеќе жени во политиката и во општеството, тоа значи што повеќе култура, компромиси и унапредување на се она што е добро и впечатливо, подвлече Лукаревска.

Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, истакна дека упатува пораки кон младите луѓе.

-Треба да знаеме да ги упатуваме добрите пораки до младите, но уште поважно е да имаме време и да разбереме што младите ни кажуваат нам. Забележуваме повеќе години наназад дека младите се вклучени во голем број на конференции коишто ги организрира ЕУ, меѓународната заедница и голем број на други организации и на секоја се вклучени да учествуваат и младите. И затоа пораките кои ги упатуваме до младите се важни зашто токму тие за 10-20 години ќе бидат тие што ќе ги водат земјите. И затоа е важно добро да ги подготвиме младите, но треба да знаеме дека и младите имаат важни пораки кои сакаат да ни ги упатат на нас, рече Бомгартнер.

Според Бојан Кордалов од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи, денеска се потребни убави и успешни приказни на млади луѓе, жени и мажи кои ќе кажат зошто е важно да ја бараме иднината дома.

-Многу слушаме негативни приказни, многу слушаме кавги и расправии особено во политичкиот дискурс, посебно во тоа што се нарекува секојдневие, но многу малку слушаме за успешните луѓе што се меѓу нас. Успешните не се само на врвот, туку се секаде наоколу и токму сакаме да им дадеме шанса на сите тие луѓе да ја раскажат својата приказна и сметаме дека тоа е најдобриот начин да се мотивираат младите луѓе, пред се да останат во својата земја и да дадат придонес, рече Кордалов.

На панел дискусијата насловена како „Еднаква, своја, успешна“ учествуваа и Нева Грашиќ, советничка во Владата на Словенија, Василка Салевска Трајковска, менаџерка во компанија „Филип Морис“, Бленди Ходаи, претседател на ФОП, Назли Чан, асистентка на ИБУ Универзитет, Марија Андреева, проектнa раководителка во рамки на канцеларијата на Советот на Европа (CoE) во Скопје и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна- Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.рт/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан