• вторник, 31 март 2026

Лола Јанг признава дека се бори со зависност од дрога, од која полека заздравува

Лола Јанг признава дека се бори со зависност од дрога, од која полека заздравува

Лондон, 30 март 2026 (МИА) - Британската пејачка Лола Јанг призна дека моментно се наоѓа во процес на заздравување од зависност откога минатата година се онесвести за време на настап на фестивалот „Сè оди 2025“ (All Things Go 2025). Во интервју за „Тајмс“ (The Times) 25-годишната уметничка зборуваше отворено за здравствените предизвици со кои се соочила нагласувајќи дека поради приватноста, не сака да открива премногу детали за личниот живот.

- Подобро не би влегувала во детали поради приватноста, но можам да кажам дека заздравувањето е процес што трае. Сè уште не сум излекувана, но сум многу подобро. Ова е долготраен процес што бара трпение и внимание кон себе. Кога сте во заздравување, тоа не мора задолжително да значи дрога, но во мојот случај, да - изјави пејачката, позната по песната „Збркано“ („Messy“).

Јанг се онесвести за време на настапот во септември 2025 година, што предизвика загриженост кај нејзините обожаватели. Неколку часа подоцна таа се огласи на „Инстаграм“ велејќи дека е добро и им се заблагодари за сите пораки и за поддршката. Подоцна најави и повлекување од социјалните мрежи за да може целосно да се посвети на својот процес на лекување.

- Благодарна сум им на сите што ми дадоа време и простор да се средам и да бидам во подобра состојба. Почувствував огромна поддршка и љубов - напиша Јанг во декември 2025 година.

Во истото интервју пејачката откри дека двапати била на рехабилитација и дека редовно присуствува на состаноци на организацијата „Анонимни алкохоличари“, што ѝ помага да се соочи со зависноста и да продолжи со животот во посакуваниот правец. Денес, како што нагласува, таа полека им се враќа на музиката и на настапите.

- Сега сум во позиција да правам работи што порано не можев. Одев побавно и свесно, на начин кој е добар за мене. Ова е процес што ќе трае - важно е да бидеш благ кон себе и да знаеш дека не си сам - додаде Јанг. мв/сд/

Фото: Јутјуб - принткрин

 

Остани поврзан