• петок, 05 декември 2025

Локалниот совет за превенција на Струмица расправаше за спречување на присуство на малолетници во угостителски објекти и служење и купување алкохол

Локалниот совет за превенција на Струмица расправаше за спречување на присуство на малолетници во угостителски објекти и служење и купување алкохол

Струмица, 30 април 2025 (МИА) - Локалниот совет за превенција на Струмица на денешната седница донесе повеќе заклучоци и предложи повеќе мерки за спречување на присуство на малолетници во угостителски објекти и служење и купување алкохол.

Според секретарот на Советот, Ѓорги Аризанов,по трагедијата во Кочани се вршат засилено контроли на угостителските објекти и доколку се констатира и најмала неправилност, објектот ќе биде затворен.

-Во контролите се вклучени полицијата, Општината, а во иднина ќе бидат вклучени и УЈП и ДПИ. Во 27 објекти кои досега се контролирани, а немале соодветни документи за работа, се преземени прекршочни мерки и доколку има и една мала неправилност на објектот тој ќе биде затворен, вели Аризанов.

Советот донесе заклучок доколку кај ученик се пронајде алкохол или енергетски пијалок наставниците и директорите имаат обврска тоа да го пријават според Законот за угостителска дејност, а ќе се формираат и заеднички комисии со учество на родителите, кои заедно со институциите ќе вршат контрола во угостителските објекти.

Во однос на продажбата на алкохол на малолетници, Советот донесе заклучок новите и досегашните продажни објекти, кои ќе ја продолжат лиценцата за продажба на алкохол, да бидат контролирани од страна на општинска комисија, која треба да се формира и која ќе врши надзор дали објектите ги задоволуваат условите и посебно да водат сметка дали известувањето за непродавање на алкохол на малолетници е истакнато на видно место.

Локалниот совет за превенција на Струмица ќе достави предлог до Советот на Општина Струмица во централното градско подрачје, Големиот градски парк и во училишните дворови да се забрани движење на мотоцкли и електрични тротинети во летниот период во времетрање од три месеци. Со тоа Советот смета дека ќе се намалат незгодите кои се случуваат на овие точки во градот.

-Затоа ќе се изработи сообраќаен проект одобрен од Општината и СВР Струмица, овие подрачја да бидат целосно забранети за движење на мотоцикли и електрични тротинети. Покрај тоа, СВР Струмица во соработка со училиштата ќе организира едукативни работилници за безбедно управување мотоцикли и со конкретни примери ќе се објаснува какви се последиците доколлку се носи и не се носи заштитна опрема, додава Аризанов.

На денешната седница на Локалниот совет за превенција од страна на полицијата и претставниците на училиштата беше договорено пред претстојните матурски и полуматурски прослави во сите училишта да се извршат превентивни предавања за однесување на учениците и какви можни опасности ги демнат доколку не се прославува на дозволен начин. рт/дма/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан