• среда, 25 декември 2024

Лога очекува ВМРО-ДПМНЕ да предложи претседател на работната група за измени на Законот за јавното обвинителство

Лога очекува ВМРО-ДПМНЕ да предложи претседател на работната група за измени на Законот за јавното обвинителство

Скопје, 18 ноември 2023 (МИА) - Министерството за правда вчера писмено ги информирало претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и координаторот на пратеничката група на таа партија, Никола Мицевски, за координативниот состанок одржан во Министерството  на 15 ноември на кој биле отворени и дискутирани повеќе аспекти во врска со подготовката на измените на Законот за јавното обвинителство.

Како што објави министерот за правда Кренар Лога на својот фејсбук-профил, претставниците на јавните обвинителства на состанокот укажале дека постои потреба од подобрување преку донесување законски решенија.

-Следејќи ја и досегашната практика за обезбедување вклученост и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во сите постапки за донесување на законите кои се во надлежност на Министерството за правда, воедно и преку доставување на работните верзии на законите кои се во постапка на подготовка, во дописот информираше за резултатите од одржаниот состанок имајќи предвид дека координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, и покрај упатената покана, не присуствуваше на состанокот, наведува Лога во објавата.  

Со доставениот допис, додава министерот, на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ „и се упати можност да даде свој придонес“ со тоа што ќе ја предводи работната група задолжена за изготвување на измените и дополнувањата на Законот за јавното обвинителство со доставување предлог за нејзин претседател.

-И покрај фактот што до Министерството за правда се уште не е доставен никаков писмен одговор, забелешки или предлози на работните верзии на законите во надлежност на Министерството за правда, кои беа доставени и примени од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ на 12 јули 2023 година, изразуваме уверување дека од нивна страна ќе биде прифатена упатената покана и во оваа насока ќе биде доставен предлог за претседател на работната група која ќе биде формирана во рамки на Министерството за правда, наведува ресорниот министер на Фејсбук. хс/бак/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан