• понеделник, 23 декември 2024

Лога го повикува Филков на јавна дебата

Лога го повикува Филков на јавна дебата

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) - Поранешниот министер за правда Кренар Лога преку објава на Фејсбук информира дека писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат и дека едниот дел од писмото било наменето за јавност, а другиот дел бил класифициран. 

- Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали, но, нормално, Радица не може да го добие додека нема безбедносен сертификат. Истото писмо, со дозвола на Мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовски, напиша Лога на Фејсбук.

Изјава на министерот за правда Игор Филков. 

Според Лога, со Министерството за правда раководи Радица Лазареска Геровска, а министерот Филков е само потписник. Во однос на промопредавањето, Лога наведува дека во тој период бил а семеен одмор за што добил решение од Владата. 

- Се вратив два дена по неговиот избор, на 26-ти, и неколку пати го барав г. Филков на телефон и преку СМС пораки, а потоа и преку Кабинетот. Бев информиран дека тој ќе ме побара, но, за негова несреќа, сè уште е затворен во својот Кабинет од својата шефица на Кабинетот, која не му дозволува да комуницира. За трагикомедијата да биде поголема, тој сè уште продолжува да молчи. За сите тие важни теми тој нема став, повторува една банална реченица "и премиерот е право и меѓународните сојузници се у право" се крие од јавноста и чека писмен одговор од г-ѓа Радица, напиша Лога.

За возниот парк, како што пишува, е ист со оној што го користеле и претходните министри, а тврди и дека Министерството било оставено без долгови. За вработените во подрачните канцеларии за бесплатна правна помош, посочува дека се исти повеќе години. 

- За сите овие тврдења, но и за 100-дневниот период на министерот Филков, ќе имам јавно обраќање и брифинг со новинари. Го предизвикувам министерот Филков на јавна дебата, било еден на еден или со учество на госпоѓа Радица од негова страна, напиша Лога на Фејсбук.

Министерот за правда Игор Филков денеска на прес-конференција рече дека документот со препораките од Оценската мисија на Европската комисија бил земен од претходниот министер за правда. Нагласи дека за ова во тек е постапка и дека ќе се бара одговорност. Посочи дека го презел Министерството без примопредавање и со испразнет кабинет од потребната документација, но со тукушто набавени чадори, маици, торби, чаши и други предмети, секој во количина од над 200 парчиња. Фактурата за сите овие работи била во износ од 956 илјади денари, но неплатена. цр/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан