• понеделник, 16 декември 2024

Лирман за МИА: Во ЕУ постои нова динамика околу проширувањето, искористете ја оваа уникатна можност, донесете ги уставните измени

Лирман за МИА: Во ЕУ постои нова динамика околу проширувањето, искористете ја оваа уникатна можност, донесете ги уставните измени

Скопје, 22 јули 2023 (МИА) - Јасно е дека сега постои голема, уникатна можност во однос на проширувањето. Постигнавте голем напредок на патот кон ЕУ и сега е важно да се преземат следните договорени чекори, меѓу кои и уставните измени. Преговарачката рамка е поддржана од сите 27-земји членки, нема нови услови, динамиката на реформите ќе ја одреди бризната на пристапниот процес.

Ова го порача во разговор за МИА Ана Лирман, министерка за Европа на Сојузна Република Германија, во кој учествуваа и Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција и Шимон Шинковски вел Сенк, министер за ЕУ на Република Полска. Оваа т.н. Вајмарска тројка неделава ја посетија земјава во дипломатска мисија да пренесат јасна порака од Берлин, Париз и Варшава дека патот напред на земјата кон евроинтеграциите оди преку усвојување на уставните измени. Тоа е истата порака која во име на шефот на европската дипломатија Жосеп Борел, претходната недела во Скопје ја пренесе и министерската тројка од три други земји членки на Унијата и докажани пријатели на земјава -  Австрија, Чешка и Словачка.

-Јасно е дека сега постои голема можност во однос на проширувањето. После бруталниот напад на Русија врз Украина, целиот процес на проширување се здоби со нова динамика. Украина и Молдавија сега имаат кандидатски статус, минатото лето ги започнавме преговорите со Албанија и Северна Македонија, а техничкиот скрининг процес ќе заврши до крајот на годината. Така, постои уникатна можност за продолжување на преговорите за првите кластери на крајот од оваа година. Северна Македонија постигна голем напредок на патот кон ЕУ, многу реформи преку кои ја гледаме посветеноста кон ЕУ, па така сега е важно да се преземат следните договорени чекори – меѓу кои и уставните измени – за да се искористи оваа можност Северна Македонија да стане членка на европското семејство. Ние тројца сме тука да ја поддржиме Северна Македонија на овој пат, вели Лирман прашана што доколку не се донесат уставните амандмани, имајќи го предвид ставот на опозицијата, и дали тоа би значело изолација за земјава, можеби блокирани ИПА фондови и проекти за Западен Балкан.

Во однос на стравувањата од евентуално ново вето од Бугарија и покрај личната гаранција од канцеларот Олаф Шолц дека нема да има нови условувања, Лирман уверува дека условите се веќе јасно наведени во преговарачката рамка, а постои и нова динамика во процесот.

-Видете, Северна Македонија никогаш не била толку блиску до Европската унија, имаме усвоена преговарачка рамка која јасно ги одредува чекорите што треба да се преземат за членството во ЕУ, ова е јасно и договорено, и условите се наведени таму. Дополнително, бугарското Министерство за надворешни работи вчера излезе со изјава во која јасно вели дека ова е обврзувачко за нив, дека врз база на тоа ќе го оценуваат процесот. Како што кажавме претходно, јасно е дека во Европската унија постои нова динамика околу проширувањето затоа што гледаме дека е во наш безбедносен интерес тоа да се случи што поскоро. Оваа динамика е и причината за посетата на австрискиот и другите министри за надворешни работи, како и за нашата посета, и тоа јасно покажува дека за нас е многу важен приоритет Северна Македонија да стане дел од ЕУ, подвлекува Лирман која е добро запознаена со европското досие на земјава.

Таа во разговорот снимен за време на посетата на Скопје, додава дека динамиката на спроведување на реформите е таа која ќе ја одреди динамиката на пристапување на земјата во ЕУ. 

-Ова е тоа што можеме да ви го кажеме, дека стоиме на ваша страна, и ќе направиме сè што можеме за процесот да се одвива непречено, со цел на крајот да биде брзината на реформи во Северна Македонија, околу борбата со корупција и владеењето на правото, таа што ќе ја одреди брзината на пристапувањето. Како уште еден пример за силната политичка поддршка за Северна Македонија, знаете дека германскиот Бундестаг неодамна усвои резолуција со која јасно ја изразуваме нашата почит кон македонската култура, јазик, традиција, и јасно велиме дека сакаме оваа држава да биде дел од ЕУ што поскоро, нагласува Лирман на која во изминатите неколку месеци ова и четврта посета на земјава.

На прашањето како да се справиме со евроскептицизмот дома после сите блокади низ годините, како да се врати кредибилитетот на евроинтегративниот процес и поддршката за ЕУ во која исто така се присутни поделби, германската дипломатка уверува дека преговарачката рамка е поддржана од сите 27 – земји членки, но и дека иднината на Северна Македонија во ЕУ е подобра иднина отколку надвор од ЕУ.

-Како прво, јас целосно ја разбирам фрустрацијата, ова навистина трае предолго, но како што нагласив, сега навистина постои можност. Целосно се договоривме, потпишавме и дадовме согласност за преговарачката рамка. Бугарија повторно ја потврди својата посветеност на оваа преговарачка рамка. Постојано се среќаваме со сите наши колеги од сите 27 земји членки на ЕУ, сите тие стојат зад оваа цел. Значи, многу е јасно дека можноста е реална и исто така, многу е јасно дека иднината на Северна Македонија во ЕУ е подобра иднина отколку надвор од ЕУ. Погледнете ја само историјата на Полска. Големиот економски напредок што Полска и новите земји членки го постигнаа откако се приклучија кон ЕУ во последните 20 години е навистина импресивен и ова е нешто што навистина би сакал да го видам и за Северна Македонија,  вели Ана Лирман која ја реафирмираше силната и континуирана поддршка за евроинтеграцијата на земјава од официјален Берлин.

Виолета Геров

Фото: Фросина Насковиќ

Видео и монтажа: Борис Куноски, Аслан Вишко и Срѓан Крстиќ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан