• четврток, 06 март 2025

Лимани: Имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во нашата држава би претставувал враќање на довербата на младите во институциите

Лимани: Имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во нашата држава би претставувал враќање на довербата на младите во институциите

Скопје, 27 февруари 2025 (МИА) - Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска присуствуваше на настан во организација на Националниот младински совет на Македонија, на којшто се дискутираше за значењето на имплементацијата  на ЕУ младинскиот дијалог во државава, соопшти Министерството. Обраќајќи се пред присутните, министерот Лимани ја истакнал важноста од вклучувањето на младите во сите сфери на општественото живеење.

- Колку сите ние сме посвесни за важноста на вклученоста на младите во сите сфери на општественото живеење, толку поуспешни ќе ни бидат процесите во државата. И наместо за проблеми, ќе зборуваме за успеси. За напредокот во образованието, здравството, инфраструктурата, детската и социјалната заштита, ќе зборуваме за вработувања, за успеси во културата и спортот итн. Затоа, а и за уште многу причини, потребни ни се младите. Потребни сте ни Вие, порачал Лимани.

Тој се осврнал на изминатиот период, на неговите лични заложби, како и заложбите на министерството за поддршка на сите процеси каде што е потребно вклучување на младите.

Осврнувајќи се на денешната тема за важноста и потребата од имплементација на ЕУ младинскиот дијалог, тој го посочил Законот за младинско учество и младински политики којшто е првото легислативно решение што ги регулира формите на младинско организирање и учество во процесите на креирање политики. Но, иако законот не го спомнува изрично ЕУ дијалогот за млади, тој дава насоки за поттикнување на структурен дијалог на национално и локално ниво.

- Сметам дека имплементацијата на ЕУ младинскиот дијалог во нашата држава би претставувал враќање на довербата на младите во институциите, на подигање на свеста за значењето на вклученоста на младите на национално и локално ниво, враќање на надежта на младите дека тие се носителите на промените, дека се слушнати и дека им е дадена шанса активно да учествуваат во градењето на својата држава, нагласил Лимани.

Тој повикал на заедничка акција во креирањето на цврсто партнерство помеѓу институциите, граѓанскиот сектор, Националниот младински совет на Македонија, како најголемо претставничко тело на младите во државата. 

- Вие сте силата за позитивни промени во општеството. Вие го имате потенцијалот да ја обликувате иднината на општеството и Вам ви е предодредено да бидете лидери во сегашноста и иднината кои ќе работат за благосостојбата на сите во државата. Ја имате мојата поддршка и институционалната поддршка на Министерството, истакнал Лимани обраќајќи им се на младите, се додава во соопштението.

Фото: Министерство за социјална политика, демографија и млади

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан