• петок, 05 декември 2025

Ликовниот уметник Панде Петровски за МИА: Талентот е дар од Боговите за уметниците да го направат светот поблагороден

Ликовниот уметник Панде Петровски за МИА: Талентот е дар од Боговите за уметниците да го направат светот поблагороден

Битола, 17 ноември (МИА)

Марјан ТАНУШЕВСКИ

Ликовниот уметник Панде Петровски (86), годинашен добитник на наградата за животно дело што му ја додели Општина Битола, првиот цртеж го нацртал пред 80 години, а од тогаш до денеска изработил неброени цртежи инспирирани од градска и селска архитектура, пејзажи, но и карикатури. Во интервју за МИА, Петровски вели дека се посветил на уметноста сваќајќи го творештвото како завет да се зачува и продолжи патот кој го започнаа и градеа претходните генерации од памтивек, а тоа е патот по кој се движи големото историско тркало во кое културата има едно од најдоминантните места.

 

Уметникот Петровски минатата година ја доби и наградата за животно дело  што ја доделува Друштвото на ликовни уметници на Битола (ДЛУБ) по повод 65 години творештво.

Во продолжение следи целото интервју со ликовниот уметник Панде Петровски.

Во богатата кариера создадовте илјадници ликовни дела, но дали се сеќавате на првиот цртеж од детството со кој подоцна ќе станете ликовен уметник?

-Искрено не се сеќавам на првиот цртеж, но знам дека тоа се случуваше пред 80 години кога живеевме на улица „Охридска“ во Битола каде што ја направив првата скулптура. Во дворот еден мајстор го поправаше горилникот на шпоретот, а од глината што му остана си ја направив најсаканата играчка, мало авионче. Потоа почнав да цртам, а цртежите ги работев на кеси од хартија што се користеа во дуќаните. Цртав со ќумурчиња кои ги имав во огништето каде што беше казанот во кој се топлеше вода. Еден ден цртежот што го направив кога го видоа домашните и роднините, ме прашаа што сум нацртал, а јас одговорив -тоа е тате. Тогаш сите почнаа да се смејат, а јас само слушнав кога мојот тетин кажа дека тоа му наликувало на петел. После 20 години, кога ја подготвував изложбата „Битолчани низ карикатури“ која беше прва во Битола, а втора во Македонија, сватив дека тогаш сум го нацртал мојот портрет карикатура. На таа возраст јас не знаев што е тоа уметност, уште помалку дека тоа може да ми биде идна професија како ликовен уметник и педагог.

Која е првата вештина што треба да ја совлада или препознае ликовниот уметник?

-Талентот на никој не му е напишан на челото. За да се препознае еден пејач, тој треба да запее. Да се воочи некој писател, треба нешто да напише, а еден талент за цртање може да се види откако тој ќе нацрта. Тоа се препознава уште во рана возраст, а цртежите на талентираните деца се разликуваат и по сеопфатноста на мотивот и по прецизноста, па и фантазијата. Едноставно тие се повпечатливи и поубави.

Кој мотив најмногу ве инспирирал низ кариерата?

-Од десеттина творечки циклуси, меѓу кои се „Хераклејски импресии“, старата битолска архитектура, „Метаморфози и симбиози“, сепак најмногу ме инспираат мотивите од старата градска, но и селска архитектура од кои никогаш не се откажав, а и ден денес ги работам со големо задоволство. Од почетокот, а и сега ги работам со мало ситно дрвце, чепкалка за заби натопена во туш, по примерот на Ѓорги Ачески-Ачето од Прилеп и Божидар Тодоровски-Бодле, но со определба тоа да биде мој ликовен израз. Тоа ги мотивираше моите домаќини и организатори да ме поканат на различни изложби, но и да подготвам самостојни. Така, првата моја самостојна изложба ја отворив во 1959 година во Клубот на резервни воени офицери на Широк сокак во Битола на која беа поставени педесетина цртежи акварели со мотиви од градот и пелагониските пејзажи. Покрај 40-те самостојни изложби низ Македонија, имам излагано во Србија, Шведска и Австралија. Со свои дела сум бил застапен и на изложби во Португалија, Турција, Бугарија, Црна Гора, како и на сите изложби на Меѓународни ликовни колонии на кои учествував, а тоа се Грција, Албанија и Романија.

Вашите знаења ги пренесувавте на учениците како ликовен педагог, а бевте и иницијатор за воспоставување на Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Фолклорот и народната култура како трајна инспирација во моето творештво“. 

-Како ликовен педагог, покрај бројните награди со учениците, јас бев добитник на наградата „Кирил и Методиј“ како истакнат просветен работник, потоа две години соработував со Завод за школство, бев претседател на општинското Здружение на ликовни педагози. Со иницијативата за вклучување на најмладите генерации и негување на фолклорните традиции, во 1974 година почнав и со организирање на детската ликовна изложба „Фолклорот и народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ како придружна манифестација на Фестивалот на народни игри и песни „Илинденски денови“. Од овој фестивал ми беше доверена работата за селектирање, аранжирање и наградување на најуспешните ликовни творби и колекции. Секогаш сакав и сакам да работам со младите и затоа им порачувам да работат со верба дека и нивните дела ќе бидат стимулирани, вреднувани и наградувани, а најголема награда е нивното вградување во тој мозаичен историски пат кој е вечен, затоа што води кон бескрајна иднина.

Како денеска функционира Друштвото на ликовни уметници на Битола – ДЛУБ во кое се вбројувате како еден од основачите?

-Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) е формирано во 1974 година со 15-на членови, за денес таа бројка да надминува повеќе од 50 активни уметници. ДЛУБ располага со канцелариски и изложбен простор, а со својата програма е организатор на својата Годишна ликовна изложба и традиционалната 4-то оемвриска изложба, но и на повеќе индивидуални изложби на своите членови чиј број се повеќе расте со што Друштвото добива на регионално значење и карактер. Ентузијазмот на младите генерации, вложени во организационите работи, покажувајќи истовремено и висок уметнички квалитет е голема гаранција за успешна работа и во иднина на ДЛУБ.

И, новинарството не ви е туѓо, а публикуваните збирки афоризми дополнително влијаат на вашата личност. Зошто го сакате и овој начин на изразување?

-Во новинарството влегов и почнав да се занимавам во 1960 година кога станав договорен дописник на „Нова Македонија“, а потоа редовно соработував со „Битолски весник“. Соработував и со „Просветен работник“, „Остен“, „Без навреда“ и списанијата „Разгледи“, „Развиток“ и „Стремеж“. Во 2000 година ја издадов книгата „Бели мисли и размисли“ со афоризми, потоа во 2002 година, книгата со хуморески „Оаза на плачот“, а во 2006 година, книгата „Думи“ со афоризми и хуморески. Во 2016 година беше промовирана и мапа или портфолио-метаморфози од едицијата светско културно наследство, од галеријата Уметност на хартија „Остен“-Скопје и притоа добив сертификат за истакнат карикатурист.

Како ја доживеавте веста дека сте добитник на наградата за животно дело и што таа значи за Вас?

- Наградата за животно дело на градот Битола за 2025 година ја примам како признание за целокупната посветеност со работа кон својот град, но и како круна на една кариера во која уметноста ми значела живот исполнет со радост и убавина. Поаѓајќи од својата размисла дека талентот е дар од Боговите за уметниците да го направат светот поблагороден, се посветив на уметноста сваќајќи го творештвото како завет да се зачува и продолжи патот кој го започнаа и градеа претходните генерации од памтивек. Тоа е патот по кој се движи големото историско тркало во кое културата има едно од најдоминантните места. И покрај ликовната уметност, тука се театарската, музичката уметност, литетарурата, архитектурата, но и народната уметност изразена преку песните и ората, носиите и ракотворбите, како и празнувањата на обичаите за сите задно да ги потврдат конкретните карактеристики на својот национален идентитет.

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан