• вторник, 24 декември 2024

Лидија Раичевиќ: Случајот со ваучерите на АМС е специфичен по многу нешта, има штета од над 5 милиони евра

Лидија Раичевиќ: Случајот со ваучерите на АМС е специфичен по многу нешта, има штета од над 5 милиони евра

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) – Штета од над пет милиони евра е сторена во случајот со ваучерите на Агенцијата за млади и спорт чие што прво рочиште денеска се одложи, изјави обвинителката Лидија Раичевиќ. Според неа, случајот по многу нешта е специфичен и ќе се врши темелна истрага на преземените дејствија.

- Случајот по многу нешта е специфичен, особено поради бројот на обвинетите, поради природата на кривичното дело, поради настаните кои се случувале и особено поради штетата која што е настапена, многу висока, изнесува над 5 милиони евра, рече таа.

Раичевиќ нагласи дека постапката е сериозна, и, како што рече, се надева дека нема да постојат причини за понатамошно одложување.

Во врска со суштината на постапката, таа појасни дека има повреда на повеќе прописи.

- Тоа што во постапката која што беше системско решение за финансирање на спортот преку ваучерите, формирањето на законските тела, Централната комисија за евалуација на ваучери, овластувањата на директорите на АМС, не се испочитувани согласно Законот за спорт, согласно правилниците кои што предвидуваат почитување на строги критериуми за да може некој да добие ваучер, појасни таа.

Дополни дека тука нема да биде крајот, односно дека обвинителската работа наложува да истражува кој ги делел ваучерите на тој начин и како ги користеле стопанските субјекти, а како што рече, и тоа ќе биде предмет на дополнителна обвинителска анализа.

Претседателот на Македонскиот Олимписки Комитет, Даниел Димески, пред денешното судење информираше дека поднел пријава против обвинителката Раичевиќ со наводи за неосновано гонење.

Во врска со прашањето за оваа кивична пријава, Раичевиќ рече дека треба да се преземат мерки тоа да не се случува во иднина.

- Кривична пријава се поднесува кога постојат основни на сомнение за кривичното дело. Фронталниот дел помеѓу мене и обвинет ќе го задржам на она што е предмет во судницата, да расправаме за кривичното дело, а не за парцијалните обвинувања, рече таа.

Судењето за случајот со спортските ваучери на Агенцијата за млади и спорт денеска беше одложено за 9 јули, откако на првото рочиште денеска не се појави првообвинетиот Дарко Каевски.

Како што информираше неговиот адвокат, Петре Шилегов, Каевски е на домашно лекување по оперативен зафат на тетивата.

Во случајот, освен Каевски, обвинети се и директорот на АМС, Наумче Мојсовски и претседателот на Македонски олимписки комитет, Даниел Димевски, потоа Огнен Стојановски, Ѓорѓи Тасев, Наташа Смилевска, Бејтула Емини, Дриљон Леши, Мијази Елмазов, Иван Миновски, Даниел Каров и Сашо Поповски.

Според информациите од Јавното обвинителство, постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 луѓе за кривични дела „злоупотреба на службена положба“ и за „несовесно работење“.

Судењето го води судијката Џенета Бегтовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Лидија Раичевиќ. ар/аа/
Фото:МИА

 

 

Остани поврзан