• среда, 26 март 2025

Лидерот на турската опозициска партија ЦХП, Озгур Озел, го посети уапсениот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу

Лидерот на турската опозициска партија ЦХП, Озгур Озел, го посети уапсениот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу

Истанбул, 25 март 2025 (МИА)  - Лидерот на највлијателната турска опозициска партија ЦХП, Озгур Озел, денеска го посети градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој беше уапсен под обвинение за наводна корупција и се наоѓа во затвор, каде чека судење.

По средбата со Имамоглу, Озел на новинарите им рече дека „се срами во име на оние кои управуваат со Турција поради атмосферата во која се најде земјата и поради ситуацијата низ која поминува Турција“, пренесуваат американските медиуми.

Тој ги опиша Имамоглу и двајца други уапсени градоначалници на окрузите на Истанбул како „три лава, исправени, со кренати глави, без страв, горди на себе, на своите семејства и на своите колеги“.

Озел уште претходната вечер најави дека партијата ЦХП ќе назначи член на општинскиот совет кој привремено ќе ја врши функцијата градоначалник наместо Имамоглу, што ќе ја спречи државата да назначи свој човек на таа функција.

Во меѓувреме, турските власти го засилија притисокот врз новинарите, а невладината Асоцијација за медиуми и правни студии објави дека осум новинари, кои беа приведени „за известување за забранетите протести во Истанбул“, се изведени пред судот во градот Чаглајан под обвинение за „прекршување на законот за собири и демонстрации“.

Синдикатите на медиумските работници ги осудија овие апсења како „напад врз слободата на печатот и правото на народот да ја знае вистината“.

Во меѓувреме, шефот на комитетот на ЦХП во Истанбул, Озгур Челик, покажа писмо во кое обвинителството нареди да се отстранат плакатите со ликот на Имамоглу, но Челик рече дека партијата нема да го исполни барањето.

„Ќе видите уште повеќе плакати со ликот на градоначалникот Екрем на балконите на куќите, на плоштадите, улиците и ѕидовите“, напиша Челик на својот профил на мрежата Х.

Апсењето и затворањето на популарниот градоначалник на Истанбул и главен ривал на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган на претстојните претседателски избори предизвика масовни демонстрации низ Турција со барање за негово ослободување.

Неговото апсење, според многумина политички мотивирано, предизвика демонстрации низ целата земја, од кои некои се претворија во насилни судири со полицијата, иако турската влада инсистира дека судството во Турција е независно и ослободено од политичко влијание.

Масовните демонстрации во Истанбул, Анкара и Измир и други турски градови станаа насилни, при што полицијата употреби водени топови, солзавец, бибер спреј и пукаше со гумени куршуми кон демонстрантите. сд/

фото: МИА архива

Остани поврзан