• понеделник, 23 декември 2024

Лидерот на либански Хезболах повика на зголемен притисок врз САД

Лидерот на либански Хезболах повика на зголемен притисок врз САД

Ријад, 11 ноември 2023 (МИА) - Лидерот на либанскиот Хезболах Хасан Насрала денеска изјави дека глобалните демонстрации против Израел поради војната во Газа вршат притисок врз израелската држава и нејзините сојузници и повика на поголем притисок врз САД.

„Гледаме илјадници луѓе во Вашингтон, Њујорк, Лондон и Париз кои протестираат против Израел“, рече Насрала, додавајќи дека западните лидери кои првично го осудија Хамас за масакрот на 7 октомври, сега повикуваат на прекин на огнот, пишува „Тајмс оф Израел“.

Според него, единствениот глас што се издвојува се САД и нивниот „следбеник“ Велика Британија.

Насрала повика меѓународниот притисок да биде фокусиран на САД.

Коментирајќи го самитот во Ријад кој е во тек, Насрала рече дека арапскиот и исламскиот самит обединуваат 57 арапски и исламски земји и дека очите на Палестинците и на другите луѓе во регионот се насочени кон овој самит.

Тој рече дека овие земји нема да испратат војници за да ја пробијат израелската блокада на Газа, но дека народите во регионот очекуваат арапскиот и муслиманскиот свет барем да заземат единствен став и да бараат Американците да ја прекинат израелската офанзива, да отворат коридор за испорака на помош и обезбедување медицинска помош, „дури и додека Газа продолжува да се бори“.

Констатирајќи регионална поддршка за Хамас, Насрала истакна дека „надежта лежи во поддршката од различни фронтови, особено од Западниот Брег“.

Тој ја пофали „храбрата одлука“ на јеменските бунтовници Хути и нивните водачи, кои испратија проектили и беспилотни летала кон Израел.

Насрала ги спомена и неодамнешните напади врз американските сили во Ирак и Сирија, велејќи дека „тековните операции придонесуваат за ослободување на двете земји од американската окупација, но непосредна цел е да се запре (израелскиот) напад врз Газа“.

Обраќајќи се до администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, Насрала додаде дека ако САД сака да стави крај на нападите на овој секундарен фронт (во Ирак и Сирија), мора да наметне крај на израелскиот напад врз Газа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан