Лидерот на ДПК Красниќи категорично отфрли коалиција со Самоопределување
- Лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, синоќа категорично ја демантираше можноста за коалиција со Движењето Самоопределување (ПС).

Приштина, 28 фецруари 2025 (МИА) - Лидерот на Демократската партија на Косово (ДПК), Мемли Красниќи, синоќа категорично ја демантираше можноста за коалиција со Движењето Самоопределување (ПС).
Според него, нема допирни точки меѓу двете партии што би ги обединиле во можна влада.
Тој рече дека разликите меѓу двете партии се длабоки, како во политичкиот пристап, така и во визијата за иднината. „Не, не одиме во коалиција. Ние не коалицираме со Самоопределување, бидејќи тоа нема врска со нас. Нема точки што би не обединиле“, изјави Красниќи за РТВ Дукаѓини.
Тој додаде дека ДПК нема да прифати коалицирање со ПС дури и ако му биде понудена премиерската функција.
„Нема коалиција меѓу ДПК и Самоопределување, во каква било форма“, повтори Красниќи.
Три недели по парламентарните избори одржани на 9 февруари, според се уште прелиминарните резултати, врз основа на пребројувањето на редовните гласови во Косово, победник е Самоопределување со 40,80 отсто од гласовите, а по неа е Демократската партија на Косово со 22,05 отсто.
На трето место е Демократскиот сојуз на Косово со 17,64 отсто, додека АБК-Иницијатива освоила 7,46 отсто од гласовите.
По парламентарните избори во Косово на 9 февруари 2025 година, опозициските партии изразија различни ставови во однос на можноста за коалиции.
Сè додека не се пребројат гласовите од дипломатско-конзуларните претставништва, поштенските, условните и гласовите на лицата со посебни потреби, нема да се знаат конечните резултати од парламентарните избори и кои се можните решенија за создавање на нова косовска влада.
Преброените 70 отсто гласови од избирачките места во дипломатско-конзуларните претставништва на Косово покажуваат дека Самоопределување таму доби убедлива поддршка (81,97 отсто од гласовите). паг/
Фото: МИА архива